ПРВ.мк
Балкан

КОНЕЧЕН КРАЈ: Пропадна милионскиот проект на зетот на Трамп

КОНЕЧЕН КРАЈ: Пропадна милионскиот проект на зетот на Трамп

Официјално пропадна големиот инвестициски проект на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој предвидуваше изградба на луксузен деловно-станбен комплекс на местото на поранешниот Генералштаб во центарот на Белград.

Владата на Србија го потпиша договорот за раскинување на соработката со компанијата на Кушнер, со што формално е завршена постапката за откажување од инвестицијата.

Информацијата ја потврди министерката за градежништво Александра Софронијевиќ.

„Договорните страни немаат никакви меѓусебни побарувања“, соопшти министерката, нагласувајќи дека постапката за раскинување е официјално завршена.

Проектот предизвикуваше контроверзии уште од мај 2024 година, кога Србија потпиша договор со американскиот инвеститор за обновување на комплексот на поранешниот Генералштаб на ЈНА.

Објектите, изградени меѓу 1955 и 1965 година, беа оштетени за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година и имаат значајна архитектонска и историска вредност.

Според првичниот договор, американската страна требаше да поседува 77,5 проценти од заедничката компанија, додека Србија би имала удел од 22,5 проценти.

Дополнително, беше предвидено земјиштето да се даде под бесплатен закуп на 99 години, со можност за пренесување во сопственост.

Проектот наиде на силно противење од стручната јавност, граѓанските организации, опозицијата и студентските движења, кои организираа протести против уривањето и пренамената на историскиот комплекс.

Случајот доби и судска димензија, откако српското Обвинителство за организиран криминал покрена постапка против поранешни и актуелни функционери поради сомневања за злоупотреба на службената положба и фалсификување службени документи.

Меѓу обвинетите е и министерот за култура Никола Селаковиќ.

Компанијата на Кушнер уште во декември 2025 година најави повлекување од проектот, а со најновото потпишување на раскинот одлуката стана и формално завршена.

Според српските власти, нема меѓусебни финансиски побарувања, а засега не е потврден нов инвеститор за локацијата.