ПРВ.мк
Балкан

СЕРИЈА ОПАСНИ НАПАДИ: Палат локали и луксузни автомобили, се сомневаат на рекетирање

СЕРИЈА ОПАСНИ НАПАДИ: Палат локали и луксузни автомобили, се сомневаат на рекетирање

Серија опасни напади со експлозивни и запаливи средства го потресе Белград, откако во изминатите денови беа запалени повеќе автомобили и деловни објекти, а непознати напаѓачи фрлале молотови коктели и рачни бомби.

Според српскиот портал „Нова.рс“, постојат сомневања дека дел од нападите се поврзани со обиди за рекетирање на сопственици на угостителски објекти и други бизниси.

Во ноќта меѓу 14 и 15 ноември бил нападнат продажен објект на „Техноманија“, каде што биле искршени стаклата и биле фрлени две шишиња со запалива материја. Во инцидентот немало повредени.

На 16 ноември, на Нов Белград бил запален луксузен теренец во сопственост на Филип Живојиновиќ, сопруг на познатата пејачка Александра Пријовиќ.

Во истиот инцидент бил запален уште еден автомобил, а истиот ден молотови коктели биле фрлени и врз угостителскиот објект „Централ паб“.

Во изминатите недели на мета на напаѓачите биле и повеќе фитнес-центри „Ахилеј“. Врз некои објекти биле фрлени молотови коктели, додека врз еден била фрлена и рачна бомба.

Според извори на „Нова.рс“, на дел од нападите им претходеле наводни обиди за изнуда на пари од сопствениците на локалите.

Сепак, засега нема официјална потврда дека сите напади се поврзани или дека зад нив стои иста криминална група.

Српските медиуми наведуваат дека слични инциденти се случуваат подолг период, а дел од сопствениците на нападнатите објекти претходно пријавувале закани.

Порталот „Нова.рс“ побарал информации од Министерството за внатрешни работи на Србија за евентуални апсења и преземени мерки, но до објавувањето на текстот не добил одговор.

Истрагите треба да утврдат кој стои зад нападите, дали постои поврзаност меѓу нив и дали мотивот е изнуда на пари.