Граѓани и млади демонстранти вчера излегоа на протест пред зградата на Владата во Тирана, повторно барајќи оставка од албанскиот премиер Еди Рама.
Покрај вообичаените повици за повлекување на премиерот, дел од младите учесници одлучиле да испратат поинаква порака. Тие почнале да шутираат фудбалски топки кон полицајците распоредени пред владината зграда, во знак на иронија и незадоволство од владините политики, објавија албанските медиуми.
Необичната акција го привлече вниманието бидејќи, за разлика од претходните протести, овојпат не дошло до апсења. Според медиумските информации, фудбалските топки не претставувале оружје, па симболичниот протест поминал без приведувања.
Демонстрациите продолжиле главно мирно, за разлика од тензиите и инцидентите забележани на некои од претходните антивладини собири.
Антивладините протести во Албанија започнаа во мај, поради контроверзен проект за изградба на туристички недвижности на албанското крајбрежје, поврзан со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Со текот на времето, незадоволството на демонстрантите се проширило и на други прашања, а во центарот на протестите сè почесто се наоѓаат обвинувањата за корупција и барањата за политичка одговорност од владата на Еди Рама.



