Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, ги отфрли тврдењата дека ги повлекол безбедносните сили од Пионирскиот парк под притисок на Европската Унија. Тој повторно нагласи дека никој не го контактирал по затворањето на гласачките места и порача дека самиот спречил можни судири и граѓанска војна.
Обвинувањата дека во изборната ноќ имал намера да предизвика конфликт, но бил спречен од Европската Унија, Вучиќ ги нарече „најбрутална лага“.
Реакцијата следува по изјавата на поранешната амбасадорка на Белгија во Србија, Дениз де Хауер, која во интервју за телевизијата Инсајдер рече дека Вучиќ ги повлекол безбедносните сили од Пионирскиот парк во изборната ноќ благодарение на притисокот од Европската Унија.
Според нејзиното тврдење, европските претставници извршиле притисок врз српскиот претседател за да спречат потези кои можеле да доведат до конфликт со сериозни последици, па дури и до граѓанска војна.
Де Хауер нагласила дека Европската Унија не била само набљудувач на случувањата во Србија пред изборите на 25 октомври и на самиот изборен ден. Таа посочила дека владата на Вучиќ распоредила голем број припадници на безбедносните сили во околината на претседателството и Републичката изборна комисија, што дополнително ги зголемило стравувањата од можен конфликт.
Вучиќ денеска повторно го негираше постоењето каков било притисок и рече дека никој не го повикал по затворањето на гласачките места. Според него, во текот на изборниот ден имал само еден телефонски разговор поврзан со инцидентот во Лазаревац.
„Никој не ме повикал од 20 часот, никој не ми кажал ни збор“, изјави Вучиќ во видеообраќање објавено на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека командантите во српската армија и полиција биле запознаени со неговите намери во врска со изборните резултати, односно дека ќе ги признае.
„Имам 12 команданти на кои им соопштив дека ќе ги признаам резултатите од изборите. И во армијата и во полицијата, сè им е јасно на сите“, рече Вучиќ.
Поранешниот српски претседател најави дека дополнителни детали за настаните ќе изнесе на конститутивната седница на Народното собрание, закажана за утре, вторник, 17 ноември.
Тој порача дека граѓаните тогаш ќе можат да слушнат како, според неговата верзија на настаните, успеал да спречи конфликти и граѓанска војна и да ја зачува стабилноста на Србија.



