ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВИ ДЕТАЛИ ЗА БРУТАЛНОТО ПРЕТЕПУВАЊЕ НА САРА: МВР откри колку алкохол имал осомничениот од Охрид

НОВИ ДЕТАЛИ ЗА БРУТАЛНОТО ПРЕТЕПУВАЊЕ НА САРА: МВР откри колку алкохол имал осомничениот од Охрид

Нови детали излегоа во јавноста за случајот со бруталното претепување на 26-годишната Сара Ѓорѓиевска од Охрид, кој предизвика силни реакции во јавноста.

Според информациите од СВР Охрид, кај 31-годишниот осомничен за нападот биле утврдени 1,29 промили алкохол во крвта.

Ова го потврди портпаролот на охридската полиција, Стефан Димоски, кој информираше дека е формиран посебен полициски тим за целосно расчистување на случајот.

Во рамките на истрагата веќе биле земени изјави од повредената девојка, осомничениот и други лица кои можат да помогнат во утврдувањето на околностите.

Полицијата ги анализира и снимките од безбедносните камери, со цел да се реконструираат случувањата пред и по физичкиот напад.

Против 31-годишниот осомничен е поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда при семејно насилство.

Иако бил лишен од слобода по нападот, Основниот суд во Охрид му определил мерки на претпазливост наместо притвор.

Во меѓувреме, државниот јавен обвинител Ненад Савески најави дека по деталното разгледување на собраните докази ќе се одлучува за конечната правна квалификација на кривичното дело.

Случајот продолжува да предизвикува реакции, особено по јавните сведоштва на мајката на Сара, која изнесе сериозни обвинувања за околностите на нападот.

Надлежните институции продолжуваат со истрагата за утврдување на сите факти и евентуалната кривична одговорност.