ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВИ ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ЗА ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА САРА: Мајката тврди дека осомничениот сакал да се ослободи од нејзиното тело

НОВИ ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ЗА ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА САРА: Мајката тврди дека осомничениот сакал да се ослободи од нејзиното тело

Нови вознемирувачки тврдења за случајот со претепаната 26-годишна Сара од Охрид изнесе нејзината мајка, Ирена Ѓорѓиеска, која преку објава на Фејсбук јавно проговори за околностите на нападот врз нејзината ќерка.

Ѓорѓиеска тврди дека осомничениот Кристијан Корабоски, додека Сара била во бессознание, помислил дека таа е мртва и наводно побарал помош од својот татко за да го прикрие случајот.

Според тврдењата на мајката, во разговорот се споменувало фрлање на телото во провалија, а осомничениот наводно побарал и нож за да ја „докрајчи“ девојката.

Мајката наведува дека Сара успеала да се освести, по што била оставена на улица. Таа тврди и дека претходно ѝ бил скршен мобилниот телефон, со што ѝ било оневозможено да побара помош.

Ѓорѓиеска дополнително изнесува обвинувања за наводни обиди да се влијае врз медицинската документација и да се прикрие сериозноста на повредите.

Според неа, нејзината ќерка сè уште е на болничко лекување и стравува за својата безбедност.

Во меѓувреме, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот К.К. поради сомнение за кривично дело „тешка телесна повреда“.

Според информациите од МВР, нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ, по расправија меѓу осомничениот и неговата девојка.

Девојката се здобила со тешки телесни повреди и била хоспитализирана, а осомничениот бил приведен. Судот му определил мерки на претпазливост наместо притвор.

Обвинувањата на мајката за наводни закани со убиство, прикривање на нападот и вмешаност на други лица засега не се независно потврдени од надлежните институции.

Случајот предизвика реакции во јавноста, а за 17 ноември во 18 часот е најавен протест пред СВР Охрид со барање за правда за Сара и поголема институционална заштита на жртвите на насилство.