Голема трагедија го потресе францускиот фудбал откако 22-годишниот фудбалер Ванис Хонсор ненадејно почина за време на тренинг на неговиот клуб Сен Дени, кој настапува на островот Реинион.
Младиот дефанзивец неодамна стапил во брак, а за само неколку дена требало да го прослави својот 23. роденден.
Наместо прослава, неговото семејство, соиграчите и пријателите се соочија со огромна загуба.
Трагедијата се случила кога Хонсор ненадејно се струполил на теренот за време на редовен тренинг.
Спасувачките служби веднаш интервенирале и започнале реанимација, но и покрај повеќе од 45 минути борба за неговиот живот, младиот фудбалер починал.
Од неговиот клуб со голема тага ја потврдија трагичната вест.
„Со длабока тага и огромна болка ја објавуваме смртта на нашиот фудбалер Ванис Хонсор, кој почина утрово за време на тренинг. Сите сме длабоко потресени од оваа страшна загуба“, соопшти клубот.
Генералниот директор на фудбалската лига на Реинион, Доминик Гуман, откри дека сè се случило ненадејно и неочекувано.
Според неговото сведоштво, младиот фудбалер се фатил за градите, по што паднал на тревникот.
И покрај брзата реакција на спасувачките екипи, лекарите не успеале да го спасат.
Хонсор му се приклучил на Сен Дени во јануари годинава и бил дел од одбранбената линија на тимот.
По трагедијата, клубот и локалните власти организирале психолошка поддршка за неговите соиграчи, кои биле сведоци на потресните сцени.
Француската фудбалска федерација изразила сочувство до семејството, пријателите и клубот.
Според француските медиуми, наредена е обдукција за да се утврди точната причина за ненадејната смрт.










