ПРВ.мк
Црна Хроника

ПО НЕКОЛКУ ДЕНА БЕГСТВО, СЕ ПРЕДАДЕ БИТОЛЧАНЕЦОТ: Претходно избегал од полиција преку отворен прозорец

ПО НЕКОЛКУ ДЕНА БЕГСТВО, СЕ ПРЕДАДЕ БИТОЛЧАНЕЦОТ: Претходно избегал од полиција преку отворен прозорец

По неколкудневна потрага, 24-годишниот К.У., осомничен за семејно насилство врз својата партнерка, денеска доброволно се предал во Секторот за внатрешни работи Битола.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, предавањето било реализирано во координација со неговиот адвокат и Основното јавно обвинителство Битола.

К.У. се предал денеска, 16 ноември, во 12 часот, по што бил лишен од слобода.

Со него инспектори од криминалистичката полиција вршат службен разговор, а надлежните продолжуваат со преземање дополнителни мерки за расчистување на случајот.

Против 24-годишникот на 11 ноември била поднесена кривична пријава за „загрозување при семејно насилство“ и „телесна повреда при семејно насилство“.

Случајот започнал на 10 ноември, кога 21-годишна битолчанка пријавила во полиција дека околу 17 часот била физички нападната од својот партнер.

Според нејзината пријава, тој подолг временски период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани.

Истата вечер, околу 23:10 часот, пријавениот доброволно пристигнал во СВР Битола заедно со еден од своите родители.

Меѓутоа, додека полициските службеници преземале дејствија за негово лишување од слобода, тој успеал да избега преку отворен прозорец од службената просторија.

По бегството следувала потрага, која завршила со неговото доброволно предавање.

Од МВР информираат дека понатамошните активности се спроведуваат во координација со надлежното обвинителство.