ПРВ.мк
Црна Хроника

ЕВРОПА ВО ШОК: Тинејџери на возраст од 16 и 17 години осомничени дека подготвувале терористички напад

ЕВРОПА ВО ШОК: Тинејџери на возраст од 16 и 17 години осомничени дека подготвувале терористички напад

Полските безбедносни служби уапсија тројца малолетници осомничени дека подготвувале терористички напад, соопшти министерот задолжен за специјалните служби, Томаш Семоњак.

Станува збор за едно 16-годишно момче и двајца 17-годишници, кои, според истражителите, биле поврзани со меѓународно неонацистичко движење.

Осомничените преку апликации за допишување разменувале информации за изработка на експлозивни направи, импровизирано огнено оружје и пиротехнички средства, за кои постои сомнение дека требало да бидат употребени во терористички напад.

За време на претрес во просториите што ги користел еден од малолетниците, припадниците на полската Агенција за внатрешна безбедност (АБВ) пронашле и заплениле хемиски супстанции што можат да се користат за производство на експлозиви.

По полициската акција, судот им определил истражен притвор на двајцата 17-годишници, додека 16-годишното момче било сместено во установа за малолетници.

Апсењата доаѓаат по вооружениот напад во Краков, во кој на почетокот на ноември беа убиени шест лица.

Полските власти претходно соопштија дека напаѓачот од Краков можеби бил мотивиран од екстремнодесничарска идеологија, но засега не е потврдена директна поврзаност меѓу тој напад и тројцата приведени малолетници.

Регионалното обвинителство во Гдањск соопшти дека истрагата продолжува и дека се преземаат активности за идентификување други лица кои евентуално биле поврзани со осомничената група.

Надлежните органи се обидуваат да го утврдат целиот обем на планираните активности и дали во подготовките учествувале и други лица.