ПРВ.мк
Македонија

Вечерва во Велешкиот театар: Премиера на „Вљубениот Шекспир“ – приказна за љубовта, страста и моќта на уметноста

Вечерва во Велешкиот театар: Премиера на „Вљубениот Шекспир“ – приказна за љубовта, страста и моќта на уметноста

Вечерва, вторник, 17 ноември, со почеток во 20 часот, љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да уживаат во премиерата на претставата „Вљубениот Шекспир“, во режија на Бојана Василковска.

Претставата носи возбудлива и емотивна приказна за љубовта, страста, инспирацијата и создавањето на едно од најпознатите дела во светската литература – „Ромео и Јулија“.

Во центарот на дејството е младиот Вилијам Шекспир, кој се соочува со творечка блокада, сè додека љубовта кон младата благородничка Виола не го промени неговиот живот. Нивната љубовна приказна станува извор на инспирација и потсетник дека најголемите уметнички дела често се раѓаат од најдлабоките човечки чувства.

Режисерката Бојана Василковска преку оваа постановка ја истакнува важноста на искрените емоции, човечката ранливост и храброста да се сака без задршка. Претставата испраќа силна порака дека љубовта и уметноста се неразделни, а театарот има моќ да нè доближи до сопствените чувства.

Во главните улоги настапуваат Филип Христовски како Вилијам Шекспир и Катерина Јовановиќ како Виола, заедно со актерскиот ансамбл составен од Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Зорица Панчиќ, Фаик Мефаилоски, Кире Ацевски и Мартин Мазнев.

Претставата е работена според делото на Марк Норман и Том Стопард, со сценографија на Филип Коруновски, костимографија на Катерина Чукниева, кореографија на Васил Зафирчев и музички избор на Сашко Костов.

„Вљубениот Шекспир“ ветува незаборавно театарско доживување исполнето со емоции, романтика и уметничка магија.

Премиерата е вечерва, 17 ноември, со почеток во 20 часот.