ПРВ.мк
Македонија

СЕДУМ ВОЗАЧИ ПРИВЕДЕНИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Возеле без дозвола, пијани или покрај активна забрана, меѓу нив и малолетници!

СЕДУМ ВОЗАЧИ ПРИВЕДЕНИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Возеле без дозвола, пијани или покрај активна забрана, меѓу нив и малолетници!

Седум возачи биле лишени од слобода на различни локации низ државата во текот на изминатото деноноќие поради сомневања за сторено кривично дело „безобѕирно управување со возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.

Покрај приведувањата, полициските службеници извршиле службени разговори и со родители на двајца малолетници, кои исто така биле затекнати како управуваат моторни возила без да ги исполнуваат законските услови.

Според информациите од полицијата, четири лица биле фатени зад воланот иако претходно не положиле возачки испит. Станува збор за 17-годишник од Скопје, 21-годишната Т.С. од селото Глуво, скопско, 37-годишниот Н.Т. од селото Тисовица, Општина Зелениково, како и 37-годишниот Е.Р. од селото Черкези, кумановско.

Во однос на малолетниците, службени разговори биле спроведени со родителите на двајца 17-годишници од Градско и од селото Уланци, во Општина Градско. Тие управувале мотоцикли без регистарски ознаки и пред да се стекнат со законско право за управување.

Полицијата регистрирала и два случаи на возење под дејство на алкохол. З.Д. (40) од Битола и И.Г. (41) од Охрид биле затекнати како управуваат возила под дејство на алкохол. Според информациите, охриѓанецот претходно учествувал и во сообраќајна незгода.

Дополнително, А.Б. (25) од селото Вирче, делчевско, управувал патничко возило и покрај тоа што имал активна мерка забрана за управување со моторно возило.

Од полицијата информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.