Непријатен инцидент се случил во Стара Пазова во Србија, каде новинарка на Радио-телевизија Војводина била удрена од автомобил додека известувала во живо. Снимката од настанот брзо се проширила на социјалните мрежи и предизвикала бројни реакции.
Според објавените информации, автомобилот излегувал од паркинг-место кога удрил во новинарката, по што возачот продолжил да се движи, без да застане.
На видеоснимката се гледа моментот кога возилото ја удира новинарката додека таа известува пред камерата. По ударот, таа видно изненадена и збунета се обидува да се тргне од местото.
По инцидентот се огласила и самата новинарка, која на социјалната мрежа Икс се претставува под прекарот „Мокош“. Таа настанот го прокоментирала со доза хумор, потсетувајќи се на една претходна случка за време на нејзино известување.
„Пред многу години, во истата емисија, на истата телевизија и со истиот начин на известување, додека ја читав временската прогноза, зад мене пред камерата повраќаше куче. Единствената разлика е што тогаш не ме удри автомобил“, напишала новинарката.
Видеото од инцидентот продолжува да се споделува на интернет, а необичната ситуација за време на телевизискиот пренос привлече големо внимание во регионот.








