ПРВ.мк
Балкан

(ВИДЕО) МАСОВНА ТЕПАЧКА ВО ПАРЛАМЕНТОТ: Седницата итно прекината!

(ВИДЕО) МАСОВНА ТЕПАЧКА ВО ПАРЛАМЕНТОТ: Седницата итно прекината!

Физички инцидент меѓу опозициски и владејачки пратеник го прекина редовното одвивање на седницата во албанскиот Парламент. Пратеникот на Демократската партија, Фламур Нока, му го грабнал микрофонот на Таулант Бала, шеф на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, и почнал да фрла хартии кон него. Поради случувањата, претседателот на Парламентот, Нико Пелеши, ја прекинал седницата на пет минути, пренесува „Косев“, повикувајќи се на „Коха“.

Инцидентот се случил на десеттиот ден од протестите во Албанија, на кои демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама.

Уште од почетокот, денешната парламентарна седница се одвивала во напната атмосфера. Пратениците од Демократската партија ја блокирале говорницата, поставувајќи фотографии од демонстранти кои биле повредени за време на протестите.

Тензиите дополнително се зголемиле кога Таулант Бала излегол да го претстави ставот на владејачкото мнозинство. Во тој момент, опозицискиот пратеник Фламур Нока му се приближил, го откорнал микрофонот од масата и почнал да фрла хартии кон него.

По инцидентот, претседателот на Парламентот, Нико Пелеши, одредил петминутна пауза, пренесува „Коха“, повикувајќи се на телевизијата „А2“.

Опозицијата бара прекин на редовната работа додека траат протестите

Пратениците од опозицијата претходно порачаа дека Парламентот не треба да продолжи со вообичаената работа додека траат протестите и обвинувањата за полициско насилство.

Преку пратеникот Белинд Келичи, од Демократската партија порачаа дека во центарот на вниманието треба да бидат барањата на демонстрантите.

„Денес на дневен ред има само една точка. Го осудуваме полициското насилство. Мораме да застанеме зад демонстрантите, да ги слушнеме нивните барања и да го послушаме гласот на генерацијата која не се плаши од власта. Не може да има парламентарна дебата среде општествена криза“, изјавија од пратеничката група на Демократската партија.

Од опозициската партија посочија и дека ги поддржуваат барањата на студентите кои протестираат на улиците.

На дневниот ред на седницата била предвидена и итна интерпелација за министерот за внатрешни работи, Ервин Демо. Барањето го поднела опозицијата, а се однесува на постапувањето на полицијата за време на протестите пред Парламентот.

Опозициските пратеници претходно побарале министерот да одговори на нивните прашања, но интерпелацијата била одложена со образложение дека Демо неодамна ја презел функцијата и му е потребно време да се запознае со актуелните прашања.

Десетти ден протести: Рама повторно повикува на дијалог

Денеска се навршуваат десет дена од протестите во Албанија против владата на премиерот Еди Рама. Демонстрациите се проследени со судири меѓу учесниците и полицијата, додека опозицијата ги поддржува барањата за оставка на премиерот.

Утринава Рама повторно ги повикал демонстрантите на дијалог. Овој пат, наместо столиците што претходно ги постави како симболичен повик за разговор, биле обезбедени бетонски клупи на кои имало испишана порака за дијалог.

Во претходните денови, демонстрантите го одбиле повикот на премиерот, а столиците поставени за разговор биле искршени.

Вчера Рама предупредил дека ќе бидат преземени строги мерки против учесниците во насилните протести. Меѓу најавените можности биле ограничување на пристапот до одредени услуги, како и евентуална забрана за влез во земјите од Европската Унија.

Протестите продолжуваат веќе десетти ден, а политичките тензии во земјата остануваат високи поради судирите со полицијата и барањата на демонстрантите за оставка на премиерот.

ВИДЕО