Амбасадорката на Србија во Шпанија, Ирена Шарац, се најде во центарот на вниманието по необична ситуација на еден настан, откако наводно го бакнала холандското знаме, очигледно мислејќи дека пред неа се наоѓа српското.
На видеоснимката која се прошири на социјалните мрежи се гледа како Шарац го бакнува знамето, а веднаш потоа кон камерата покажува три прста.
Снимката за кратко време привлече големо внимание на интернет, при што следуваа бројни реакции од корисниците на социјалните мрежи. Дел од коментарите биле подбивачки, додека други ја критикувале амбасадорката поради очигледната забуна со знамето.
Шарац и во минатото привлекувала внимание во јавноста. Пред околу две години, во Мадрид, таа била физички нападната од лице за кое во тогашните медиумски извештаи било наведувано дека е со албанско потекло.
Ирена Шарац повеќе од една деценија е дел од српската дипломатска служба. Во текот на својата дипломатска кариера работела и во Грција и во Кина.
Нејзиното име претходно се појавувало и во медиумски извештаи поврзани со прашањето за потрошувачката на гориво во Амбасадата на Србија во Атина.
Според пишувањето на српскиот весник „Блиц“ од 2016 и 2018 година, Шарац, заедно со тогашниот вршител на должност амбасадор во Србија во Атина, Бранко Лазаревиќ, и конзулката Јелена Срдановиќ Џелебдиќ, наводно во службените документи евидентирале потрошувачка од 30 тони гориво во период од две години.
Меѓутоа, според податоците кои тогашниот српски амбасадор во Атина, Душан Спасојевиќ, ги доставил до Министерството за надворешни работи на Србија, премиерот и Безбедносно-информативната агенција (БИА), реалната потрошувачка наводно била шест пати помала.
Подоцна, според тогашните медиумски извештаи, Шарац, Лазаревиќ и Срдановиќ Џелебдиќ биле повлечени од Грција и вратени во Белград, на барање на грчките власти.
Шарац и Срдановиќ Џелебдиќ ги негирале тие тврдења и изјавиле дека во Србија се вратиле по сопствено барање.
Во врска со случајот, Вишото јавно обвинителство покренало предистражна постапка, но во продолжение не бил поднесен обвинителен акт.
Во писмо испратено до весникот „Данас“, адвокатот на Ирена Шарац тогаш навел дека против неговата клиентка никогаш не била водена кривична постапка.









