Група ученици од училиштето „Валдорф Рудолф Штајнер“ од Сао Паоло, Бразил, тргнаа на 11 септември 2015 година на она што требаше да биде училиштен излет до рурална фарма.
Една од нив беше и седумнаесетгодишната Викторија Мафра Наталини.
Се радуваше што ќе го гледа својот омилен бенд „Квин“ кога ќе се врати дома.
Таа желба не ѝ се оствари, бидејќи се испостави дека тоа ѝ било последното патување во животот.
Викторија беше пронајдена мртва неколку дена откако пристигна на фармата.
Смртта на Викторија остана мистерија речиси цела деценија.
За време на тој период, нејзиниот татко ја продолжи потрагата по правда.
Почна да го истражува случајот на своја рака.
Што се случило на фармата?
Група од 34 ученици требаше да помине неколку дена на фармата Переирас во Итатиба, во Сао Паоло.
Во придружба на двајца наставници и тројца стручњаци за топографија, планираа да одржат часови во природа по математика и топографија, во што спаѓаше и детално мапирање на руралниот имот.
Училиштето не им дозволи на учениците да носат мобилни телефони на фармата.
„Не им беше дозволено да комуницираат со родителите. Имавме доверба во училиштето дека ќе се грижи за децата“, вели Жоао Карлос Наталини, таткото на Викторија, за „Би-би-си њуз Бразил“.
Петтиот ден од екскурзијата, учениците биле поделени во групи за да мапираат различни делови од фармата.
Околу 14:30 часот по локално време, Викторија ѝ рекла на својата група дека оди до тоалетот и тргнала по земјениот пат кон куќата на фармата, оддалечена околу 500 метри.
Според полициската истрага, тоа бил последниот пат кога другите деца ја виделе.
Поради тоа што ја немало ниту два часа подоцна, нејзините другарки ги алармирале професорите и започнала потрагата по тинејџерката.
Наталини вели дека властите биле повикани дури во раните вечерни часови, врз основа на она што било соопштено тогаш.
Тој самиот бил известен за исчезнувањето на ќерката дури истата ноќ и успеал да пристигне на местото на настанот дури околу 23 часот по локално време.
Тоа било во исто време кога потрагата била прекината, со една од споменатите можности дека Викторија е киднапирана.
Потрагата продолжила следното утро, а набрзо потоа полициски хеликоптер го пронашол телото на Викторија во областа околу фармата.
„Беше огромен шок за мене кога ми кажаа дека го пронашле нејзиното тело. Стоев и морав да дојдам до воздух за да се повратам. Сè беше многу тешко. Морав да ги известам членовите на семејството и да го идентификувам телото на сопствената ќерка“, вели Наталини.
Тоа беше најлошиот ден во мојот живот, додава тој.
Природна смрт или злосторство?
Имајќи предвид дека немаше видливи повреди на нејзиното тело ниту какви било јасни индикации дека Викторија е жртва на злосторство, главната хипотеза беше дека умрела од природна смрт.
Набрзо по нејзината смрт, во извештајот на Медицинскиот институт (IML) беше укажано на „неодредена причина, која сугерира природна смрт“.
Според тој преглед, Викторија не земала дрога ниту конзумирала алкохол.
Во тоа време, дури и во печатот беше објавено дека Викторија имала историја на конвулзии, но тоа е тврдење што семејството го демантираше.
Наталини изјави дека нејзината ќерка била здрава, добро се хранела и се занимавала со спорт, и затоа бил сомничав кон заклучоците од овој извештај.
„По неколку дена или недели, почнавме да мислиме колку беше необично сето тоа. Нејзиното тело беше пронајдено преку пат од главната зграда на фармата, каде што намераваше да оди кога исчезна, а тоа поставуваше многу дополнителни прашања. Одново баравме од локалната полиција да го истражи случајот, но тие одбиваа, бидејќи тврдеа дека се работи за природна смрт“, вели Наталини.
На Наталини посебно сомничав му бил начинот на кој било пронајдено нејзиното тело: со лицето свртено надолу и со вкрстени раце.
За него тоа укажувало на фактот дека некој веројатно го поместил нејзиното тело.
Тој одлучил да почне да го истражува случајот на своја рака и ангажирал приватни форензички стручњаци кои заклучиле дека, и покрај отсуството на видливи повреди, Викторија била убиена и дека нејзиното тело било пренесено на местото каде што е пронајдено.
„Стручњаците што ги ангажирав го прегледаа целиот материјал во врска со смртта на мојата ќерка, го анализираа и ги реконструираа сите настани. Сè укажуваше дека не се работело за природна смрт“, вели Наталини.
Тој ѝ го предаде својот приватен извештај на полицијата, а случајот повторно беше отворен и препратен до Одделот за убиства и заштита на луѓе (DHPP) во Сао Паоло.
Почетокот на 2016 година, DHPP побара нов извештај од Форензичкиот центар на Одделот за јавна безбедност во Сао Паоло, кој потврди дека Викторија умрела од „механичка асфиксија, во модалитет на директно задушување“, што сугерираше дека можеби била убиена.
Според специјалистите, овој тип на директно задушување обично се постигнува со раце, со што се укажува дека некој можеби ја нападнал Викторија.
Наталини верува дека неговата ќерка била убиена од заседа додека одела кон главната градба на фармата.
„Мора да се обидела да се одбрани, а лицето што ја нападнало, исплашено дека таа ќе вика и ќе го пријави тоа, на крајот се обидело да ја замолчи. И затоа таа личност ѝ ги покрила устата и носот, што завршило со задушување на мојата ќерка“, вели Наталини.
Во одговор на извештајот, фармата Переирас, каде што се одржувала екскурзијата, соопшти дека соработувала со истрагата и им овозможила работа на истражителите и форензичките стручњаци кои „ги интервјуираа сите членови на персоналот кои сакаа да зборуваат, колку и да беше пати тоа потребно, и дека беа слободни да прикажат какви било побарани документи“.
„Полициската работа секогаш се вршеше со максимална слобода и секогаш строго се придржувавме до наредбите на истражителите“, се додава во соопштението.
Во соопштение за „Би-би-си њуз Бразил“, цивилната полиција на Сао Паоло негираше дека имало пропусти во нејзината истрага и рече дека „се преземени сите соодветни судски и полициски мерки“.
Наоди од истрагата на таткото
Почетокот на февруари оваа година, Четвртиот совет на Врховниот суд на правдата (STJ) му наложи на училиштето „Валдорф Рудолф Штајнер“, во престолнината Сао Паоло, да му исплати отприлика 188.000 долари морална отштета — облик на компензација во Бразил за нематеријална штета како што е емоционална болка, понижување или нанесување штета на угледот — на таткото на Викторија.
Во март, кривичниот суд донесе одлука дека професорите и администраторите на училиштето не сносат кривична одговорност за небрежност што довела до исчезнувањето и смртта на Викторија.
Таткото на Викторија планира да поднесе жалба на ова, наведувајќи дека постојат процедурални грешки во самата истрага за случајот.
Меѓутоа, истрагата за убиството е повторно отворена, откако властите првично ја завршија заклучувајќи дека Викторија умрела од природна смрт.
Таа истрага е во финалните фази, според официјалните лица.
Државното Министерство за образование на Сао Паоло соопшти дека во тоа време ги истражило сите активности на училиштето, но дека не нашло никакви нерегуларности.
Училиштето во соопштението наведе дека ги спровело „сите неопходни безбедносни мерки за време на екскурзијата и дека, откако било забележано исчезнувањето на Викторија, биле контактирани надлежните власти“.
„Таа воедно објаснува дека во сите педагошки активности што ги спровела — било во училиштето или на кампусот — обезбедила тимови од квалификувани професионалци кои ги придружувале нејзините ученици“, се додава во соопштението на училиштето.
Во соопштението се изразува жалење за смртта на Викторија и се наведува дека „училиштето останува посветено на соработката со властите од првиот ден на истрагата“.
„Длабоко жалиме што околностите за смртта на ученичката сè уште не се разјаснети“.
„Таа е моја ќерка и не се каам за ништо“
Наталини продолжува да спроведува иницијативи во потрага по одговори за околностите околу смртта на неговата ќерка, и покрај тоа што случајот е официјално повторно отворен.
Пред три години тој покрена онлајн петиција барајќи случајот да биде решен.
Веќе собра речиси 58.000 потписи и планира да продолжи да води кампања и да ја шири свеста за случајот сè додека не се утврдат точните факти за смртта на неговата ќерка.
Тој води страници на социјалните мрежи за споделување новости за случајот на неговата ќерка.
На Инстаграм, на пример, тој управува со профилот Victoria Natalini vive, на кој ги објавува сите новости за овој случај.
Наталини продолжува да води приватна истрага за да се обиде да открие нови информации кои би ѝ ги проследил на полицијата.
Неодамна објави парична награда за секој што ќе успее да обезбеди нови информации.
За време на неуморната потрага по правда, тој мораше да издржи години и години голем емоционален напор.
Но, тој вели дека, доколку е потребно, би повторил сè.
„Таа е моја ќерка; не се каам за ништо“, вели тој.





