Иако Европската Унија постојано зборува за поедноставување на процедурите, од Брисел непрекинато пристигнуваат нови регулативи, идеи и законски предлози.
Триенаесет држави членки, предводени од Австрија, упатија официјално предупредување до Европската комисија со барање да се запре масовното донесување нови закони барем на една година и Унијата да се фокусира врз консолидација на постоечката регулатива.
Според дипломатски извори од Брисел, потписниците на ова писмо бараат привремен мораториум врз новите закони. Во овој период, европските институции би ги ревидирале и прочистиле постојните правила, дефинирајќи ги клучните приоритети што ќе помогнат во зајакнувањето на конкурентноста на ЕУ. Целта е да се скрати обемната европска бирократија и да се направи бизнис-климата во Унијата попривлечна за инвестиции.
Тековната прекумерна регулатива, која многумина ја гледаат како пречка, не само што го кочи приливот на странски капитал, туку ги принудува и домашните инвеститори од ЕУ да бараат поатрактивни пазари за развој на својот бизнис.
Иницијативата ја поддржаа и потпишаа: Австрија, Германија, Италија, Полска, Португалија, Чешка, Данска, Унгарија, Естонија, Летонија, Литванија, Словенија и Словачка.
Додадена вредност или административна пречка?
Преку неформалниот документ (т.н. „non-paper“), кој служи како основа за дебата, овие земји предлагаат детална ревизија на сите секторски правила. Потоа би се одлучило кои прописи имаат реална додадена вредност, а кои претставуваат непотребна бариера.
„Законодавството на ЕУ не смее да биде цел сама за себе. Потребна е поголема воздржаност при носењето нови прописи за да се избегне прекумерната регулација и дополнителното административно оптоварување. Намалувањето на бирократијата е основен предуслов за квалитетно европско законодавство“, се наведува во документот.
Иницијативата предвидува и формирање мрежа меѓу земјите членки, посветена на поедноставување на прописите како на национално, така и на европско ниво. Документот е испратен непосредно пред формирањето на новиот Сојуз за намалување на административното оптоварување.
Чекор понатаму од досегашните мерки
Ова не е првпат да се отвора прашањето за скратување на бирократијата, бидејќи Европската комисија веќе работи на одредени олеснувања преку пакети мерки за вештачката интелигенција и климатските политики. Сепак, земјите потписнички сметаат дека тие чекори се недоволни и бараат порадикални мерки.
Тие инсистираат на систематска проценка на влијанието што сите нови правила го имаат врз економската конкурентност на ЕУ. Во исто време, се нагласува дека не смее да се задира во суверенитетот на државите согласно начелото на суписидијарност — правило според кое ЕУ реагира само ако одредено прашање може поефикасно да се реши на сојузно наместо на национално ниво.
Предлогот е следната година да се прогласи за „Европска година на консолидација и спроведување“, период во кој нема да се усвојуваат непотребни нови закони, а постоечките ќе се поедностават.
Сепак, земјите членки напоменуваат дека овој процес не смее да оди на штета на високите стандарди за заштита на работничките права, здравјето и безбедноста, каде што ЕУ е лидер во светот.
„Секоја идна значајна обврска за усогласување мора да биде претходена од детална ревизија на постоечките правила во таа област, со цел нивно спојување, поедноставување или целосно укинување“, се истакнува во писмото.
Во проценката на законите ќе се анализира дали тие се практично применливи, усогласени со останатите регулативи, предвидливи за бизнисот и дали ја почитуваат поделбата на надлежностите. Исто така, се предлага за секој нов закон да се воведе обврска за задолжителна проверка на неговите ефекти на секои пет години.
Трка меѓу високите стандарди и глобалната конкуренција
Бизнис заедницата веќе подолго време предупредува на хиперпродукцијата на закони во Брисeл. Од друга страна, ЕУ сака да ги задржи највисоките стандарди за безбедност на храната, заштита на животната средина и социјални права — што за многу компании претставува терет во трката со глобалната конкуренција.
Постојаното носење нови правила е пракса уште од самиот почеток на Унијата. Но, притисокот за пауза сега е поголем од кога било, особено во пресрет на преговорите за повеќегодишниот финансиски рамка. Овие преговори се исклучително тешки, а спроведувањето на сè поголем број компликувани правила бара поголема администрација и поголеми трошоци кои земјите членки веќе не се подготвени да ги покриваат.





