Хакерската група „ShinyHunters“ излезе со тврдење дека успеала да пробие во системот на американското Федерално истражно биро (ФБИ) и да дојде до голема количина чувствителни податоци за сегашни и поранешни вработени.
Според тврдењата на групата, украдени биле податоци како имиња, домашни адреси, броеви на социјално осигурување и информации поврзани со работните позиции.
„ShinyHunters“ на својата страница на дарк-вебот, како и во комуникација со медиумите, навела дека нападот бил извршен како одговор на соопштение на ФБИ од мај 2026 година. Во него американската агенција ги опишала методите што ги користи групата и ги повикала потенцијалните жртви да не плаќаат откуп доколку бидат нападнати.
Хакерската група тврди дека дошла до информации за „речиси сите агенти на ФБИ“, но и за луѓе кои во минатото аплицирале за работа во агенцијата.
Како наводен доказ за своите тврдења, „ShinyHunters“ објавила снимка од екранот на страницата за вработување на ФБИ, заедно со примерок од податоците за кои тврди дека ги украла.
Во меѓувреме, страницата за вработување на ФБИ вчера била недостапна.
Според објавениот примерок, податоците наводно вклучувале имиња на агенти, домашни адреси, броеви на социјално осигурување и информации за нивните работни задолженија. Во одредени случаи, во примерокот наводно се појавувале и имиња на членови на семејствата.
ФБИ засега не излегло со официјален коментар во врска со тврдењата на хакерската група, па не е независно потврдено дали и во кој обем дошло до евентуален упад или кражба на податоци.
„ShinyHunters“ важи за позната хакерска група. Во последниот период таа, исто така, тврдеше дека успеала да украде милиони деловни записи од „Рокстар Гејмс“ и дека била поврзана со нападот врз образовната платформа „Канвас“.
Сепак, засега останува нејасно дали тврдењата за нападот врз системите поврзани со ФБИ ќе бидат потврдени од американските власти.





