ПРВ.мк
Балкан

Србинот кој преживеа хорор во авион тргнува во правна битка: Ги тужи „Рајанер“, „Боинг“ и уште една компанија!

Србинот кој преживеа хорор во авион тргнува во правна битка: Ги тужи „Рајанер“, „Боинг“ и уште една компанија!

Српскиот државјанин Љубиша Каровиќ, кој доживеа вистински кошмар за време на летот на „Рајанер“ кога пукањето на прозорецот за малку ќе завршеше со трагедија, најави тужби против три големи компании поврзани со инцидентот.

Каровќ и неговиот правен тим подготвуваат постапки против авиокомпанијата „Рајанер“, производителот на авиони „Боинг“ и компанијата „Џенерал електрик“, која го произвела моторот на леталото.

Според информациите од српските медиуми, за случајот е ангажиран грчки адвокат, а дополнително е вклучена и американска адвокатска канцеларија специјализирана за авионски несреќи. Постапките против „Боинг“ и „Џенерал електрик“ би се воделе во САД, додека локацијата за тужбата против „Рајанер“ сè уште не е утврдена.

Несреќниот настан се случил на 10 јули, за време на лет од Солун кон германскиот град Меминген. Во текот на летот, дел од моторот се откачил и удрил во прозорецот покрај седиштето на Каровиќ, предизвикувајќи негово кршење и ненадејна декомпресија во авионот.

Во драматичните моменти, Каровиќ бил изложен на огромна опасност, но бил спасен благодарение на безбедносниот појас и реакцијата на другите патници кои му помогнале додека авионот не направил принудно слетување.

Иако физичките повреди на рацете и рамената постепено се санираат, тој сè уште има проблеми со вратот, а психолошките последици од преживеаниот стрес не исчезнале.

Случајот моментално е во истражна фаза, а доколку биде покрената судска постапка, се очекува долга правна борба за утврдување на одговорноста и обесштетување на патникот.