Ниското ниво на реката Дунав откри дел од историјата стара повеќе од два и пол века. Од водите повторно се појавија остатоци од заборавеното утврдување Инзел Шанц, познато и како Островска ровови, кое некогаш било дел од одбранбениот систем кај Петроварадинската тврдина.
Историското откритие се случило во близина на Нови Сад, каде што повлекувањето на водата овозможило да се видат делови од објектот кој со децении бил „проголтан“ од реката.
Истражувачот Ненад Шегуљев, автор на блогот „Мојата тврдина“, потврди дека станува збор за стара воена градба која се наоѓала на некогашниот Воен остров.
Инзел Шанц бил изграден во средината на 18 век, со главна цел да го спречи приближувањето на непријателските сили од правец на Дунав кон Петроварадинската тврдина. Утврдувањето било направено по принципите на тогашната воена архитектура и имало четири бастионски фронтови, ров исполнет со вода и посебни патеки за движење на војниците.
Потребата за ваква одбрана се појавила по големата опсада на Петроварадин во 1694 година, кога османлиската војска ги користела позициите на Воениот остров за артилериски напади врз градот и австриските позиции.
Со текот на времето, промените во текот на Дунав целосно го измениле изгледот на областа. Денес реката минува преку местото каде што некогаш се наоѓал островот, а остатоците од тврдината останале скриени под водата.
За постоењето на ова утврдување пошироката јавност повторно слушна во 1999 година, по НАТО бомбардирањето, кога при работи за изградба на подводен гасовод била оштетена старата конструкција.
Сега, благодарение на ниското ниво на Дунав, дел од оваа заборавена тврдина повторно излезе на површина, откривајќи уште една страница од богатата воена историја на регионот.




