Мартин Сипковски, младиот човек чие име се најде во српските медиуми во врска со трагичниот инцидент во Белград, наводно активирајќи експлозив по грешка, бил во бегство од македонското правосудство, дознава Скопје1 од извори блиски до скопското Обвинителство.
Имено, против Сипковски во Македонија се водела постапка за обид за убиство, предмет кој го водел обвинителот Александар Марковски, додека како негов правен застапник се јавува адвокатот Владимир Туфегџиќ. Од страна на адвокатот е потврдено дека тој го застапува Сипковски, но додава дека сè уште нема добиено официјална потврда за неговата поврзаност со трагичниот настан во Белград.
„Како негов бранител, известен сум од неговата мајка дека пред неколку дена Мартин, под неразјаснети околности, не е достапен. Но, не располагам со официјална потврда за неговото учество во инцидентот. Точно е дека против него се водат неколку кривични постапки во Кривичниот суд, и дека му беше изречена мерка куќен притвор до правосилно завршување на тие постапки. Досега нема правосилна пресуда против него“, изјави Туфегџиќ за Скопје1.
Дополнително, според полициски извори на истиот медиум, во службената евиденција стои дека Сипковски досега ја почитувал мерката куќен притвор. Постапката за обид за убиство се водела повеќе од една година, а тој за време на целиот процес ја издржувал мерката за обезбедување присуство.
Во минатото му биле изрекувани и други воспитни мерки, бидејќи како дете бил во судир со законот. Адвокатот ја префрли одговорноста и кон институциите:
„Надлежните институции не направија доволно за Мартин – исклучително интелигентно и талентирано дете. Не се направи навремено превенирање и насочување на неговата енергија во правилна насока, и покрај тоа што беа преземани воспитни мерки. Овој трагичен случај мора да биде сигнал до сите воспитно-поправни установи – да дејствуваат рано и проактивно, за вакви трагедии да не се повторуваат“, додаде Туфегџиќ.
Во врска со случајот, бил контактиран и македонскиот Министерство за надворешни работи. Од таму потврдуваат дека се во комуникација со српското МНР, и се очекуваат повеќе официјални информации во текот на утрешниот ден.