ПРВ.мк
Балкан

СЕ ПОДГОТВУВА ЛИ АПСЕЊЕ НА ЕДНА ОД НАЈМОЌНИТЕ ЖЕНИ ВО СРБИЈА?

СЕ ПОДГОТВУВА ЛИ АПСЕЊЕ НА ЕДНА ОД НАЈМОЌНИТЕ ЖЕНИ ВО СРБИЈА?

Голем финансиски скандал ја потресува Србија по апсењето на Давор Мацура, сопственик на „Алта банка“, кој е осомничен за незаконско извлекување околу 383 милиони евра од банкарскиот трезор.

Во центарот на вниманието сега се најде и гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, долгогодишна политичка соработничка на Александар Вучиќ.

Според пишувањето на српскиот портал „Нова.рс“, се поставуваат сериозни прашања за тоа дали Народната банка навремено реагирала на предупредувањата за сомнителното работење на „Алта банка“.

Се појавија гласини за нејзино апсење

На социјалните мрежи се прошириле информации дека Табаковиќ е уапсена, но според информациите објавени на 3 ноември, такво апсење не било извршено.

Адвокатот Иван Ниниќ тврди дека пет дена пред одземањето на дозволата на банката ги предупредил надлежните институции за сомнителни трансакции и побарал итна контрола.

Тој поднел и кривична пријава со која бара да се испита одговорноста на службениците на Народната банка.

Економистот Горан Радосављевиќ смета дека гувернерката и институцијата мора да објаснат како било дозволено да се случи ваков финансиски скандал.

Кој е Давор Мацура?

Мацура важи за еден од најбогатите бизнисмени во Србија, а неговото деловно работење опфаќа банкарство, недвижности, градежништво и трговија.

Тој бил уапсен по повеќечасовни полициски претреси, заедно со уште двајца вработени во банката.

Обвинителството се сомнева дека неовластено влегувал во трезорот и извлекувал готовина, со што наводно биле присвоени стотици милиони евра.

Дали гувернерката ќе одговара?

Адвокатот Јован Рајиќ смета дека Табаковиќ мора да биде сослушана бидејќи би можела да располага со важни информации за работењето на банката.

Сепак, тој нагласува дека допрва треба да се утврди дали постои нејзина кривична одговорност.

Табаковиќ, која е на чело на Народната банка на Србија од 2012 година, до објавувањето на информациите не одговорила на прашањата за евентуална оставка и гласините за апсење.

Засега нема официјална потврда дека против гувернерката е покрената кривична постапка или дека е издадена наредба за нејзино апсење.