Хрватска подготвува значително построги сообраќајни правила, со кои се предвидуваат казни до 5.000 евра за опасно возење и нелегални улични трки, но и високи санкции за неправилна употреба на електричните тротинети.
Измените на Законот за безбедност на сообраќајот ги претстави министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, нагласувајќи дека целта е намалување на сообраќајните несреќи.
За организирање и учество во нелегални трки и опасно дрифтување се предвидуваат казни од 2.000 до 5.000 евра, како и можност за затвор до 60 дена, привремено одземање на возилото и забрана за управување.
Санкции се предвидуваат и за снимање и објавување опасни маневри на социјалните мрежи.
„Јавните патишта не се тркачки патеки“, порача Божиновиќ.
Особено строги правила се предложени за електричните тротинети.
Родителите или старателите кои ќе дозволат дете помало од 14 години да управува со електричен тротинет би можеле да добијат казна од 1.000 до 3.000 евра.
Казната за возење без заштитна кацига и за неправилно движење се зголемува на 100 евра, а се предвидува и задолжителна регистрација.
Дополнително, за опасно паркирање е предложена казна од 300 евра, додека санкцијата за некористење сигурносен појас и неправилен превоз на деца се зголемува од 130 на 200 евра.
Новите правила предвидуваат и подобра прекугранична размена на информации, со цел полесна наплата на казните од странски возачи.
Според министерот, во претходната година на хрватските патишта загинало 261 лице.
Предложените измени допрва треба да ја поминат законската процедура, па наведените казни сè уште не треба да се третираат како стапени во сила.









