Сериозен безбедносен инцидент е регистриран во соседна Бугарија, каде што 11 од вкупно 17 антени за поврзување со сателитскиот интернет-систем „Старлинк“ биле намерно запалени во објект во близина на Софија.
Според информациите објавени од бугарските медиуми, случајот го истражуваат надлежните безбедносни служби, а засега не се соопштени детали за можните сторители и мотивите.
Пратеникот Ивајло Мирчев од партијата „Да, Бугарија“ изјавил дека нападот го извршиле двајца маскирани мажи, кои ја запалиле опремата во објект поврзан со американската компанија „Спејс Икс“.
Системот „Старлинк“, во сопственост на компанијата на Илон Маск, обезбедува сателитска интернет-врска и има значајна улога во комуникациите што ги користи украинската војска.
Бугарскиот премиер Румен Радев потврдил дека се води интензивна истрага, во која домашните служби соработуваат и со меѓународни партнери.
Тој повикал да не се објавуваат чувствителни информации што би можеле да го попречат истражниот процес.
Претставници на бугарската опозиција изразиле сомневање дека станува збор за намерна саботажа, посочувајќи и на сличен пожар во објект поврзан со „Старлинк“ во Полска кон крајот на септември.
Сепак, засега нема официјални докази дека двата инцидента се поврзани, ниту дека зад нападот стои одредена држава или организирана група.
Бугарското Министерство за внатрешни работи соопштило дека се преземени дополнителни мерки за заштита на слични објекти низ земјата.
Истрагата продолжува, а надлежните треба да утврдат кој ги запалил антените и дали нападот бил дел од поширока саботажна активност.
Видео:






