ПРВ.мк
Свет

Семејството на момчето кое го усмрти тигар проговори за трагедијата: „Со години се соочуваше со сериозни проблеми“

Семејството на момчето кое го усмрти тигар проговори за трагедијата: „Со години се соочуваше со сериозни проблеми“

Семејството на 23-годишниот Вилијам Чепмен, кој трагично загина откако влезе во просторот на сибирски тигар во зоолошки парк во Англија, првпат јавно проговори за загубата и откри детали од неговиот живот.

Трагедијата се случила во саботата во „Јоркшир Вајлдлајф Парк“, кога момчето самостојно влегло во оградениот простор во кој се наоѓал тигарот Алтај.

Пред очите на посетителите, животното го нападнало младиот човек и му нанело смртоносни повреди.

Вработените испукале предупредувачки истрели за да го оддалечат тигарот, кој потоа бил затворен во засолниште. И покрај интервенцијата на итната медицинска помош, Чепмен починал на местото на настанот.

Неговото семејство го опишало како интелигентен, срдечен и комуникативен млад човек, кој бил неизмерно сакан.

„За жал, Вилијам со години се соочуваше со сериозно психичко заболување, поради кое му беа препишани силни лекови“, соопштило семејството.

Роднините нагласиле дека надлежните допрва треба да утврдат дали неговата здравствена состојба имала каква било улога во трагичниот настан.

Тие упатиле и апел до јавноста да престане со споделување на вознемирувачките видеоснимки од нападот, бидејќи тоа им предизвикува дополнителна болка.

По трагедијата било откриено и дека Вилијам како дете се занимавал со актерство, настапувајќи во британски телевизиски продукции.

Зоолошкиот парк останал затворен неколку дена, додека надлежните започнале истрага за безбедносните услови.

Истражителите треба да утврдат како момчето успеало да влезе во просторот со тигарот и што точно довело до трагичниот исход.