ПРВ.мк
Свет

Студена зима за милиони граѓани: Поради високите цени, многу семејства ќе останат без греење

Студена зима за милиони граѓани: Поради високите цени, многу семејства ќе останат без греење

Околу 1,7 милиони домаќинства во Велика Британија планираат воопшто да не го вклучуваат греењето оваа зима, поради страв од високи сметки и дополнително поскапување на енергијата.

Ова го покажува истражувањето на агенцијата „Опиниум“, спроведено за платформата „Јусвич“, според кое 5,7 проценти од британските домаќинства планираат да ја поминат зимата без греење.

Повеќе од 15 милиони домаќинства, односно 52 проценти, стравуваат дека во нивните домови ќе биде студено.

Речиси 40 проценти од испитаниците планираат да го вклучат греењето дури кога температурата во домот ќе стане премногу ниска.

Дополнително, 29 проценти ќе загреваат само одредени простории, додека 18 проценти планираат да го вклучат греењето подоцна отколку минатата година.

Причината за ваквите одлуки се растечките трошоци за енергија.

Од 1 октомври, регулаторот „Офгем“ ја зголеми горната граница на цените на енергијата за четири проценти, а прогнозите укажуваат дека од јануари сметките би можеле дополнително да пораснат за речиси 300 британски фунти.

Меѓу домаќинствата што планираат целосно да го исклучат греењето, 37 проценти велат дека тоа го прават заради заштеда, додека 28 проценти признаваат дека не можат да си ги дозволат трошоците.

Многу граѓани планираат да се загреваат со потопла облека, ќебиња и термофори, додека други ќе користат преносни греалки или печки на дрва.

Претставниците на „Јусвич“ предупредуваат дека никој не треба да биде принуден да живее во студен дом поради страв од високите сметки.

За здрави возрасни лица се препорачува температура од најмалку 18 степени во просториите во кои престојуваат, додека за бебиња и повозрасни лица се препорачува повисока температура.

Истражувањето било спроведено од 22 до 25 септември, на примерок од 2.000 возрасни лица во Велика Британија.