ПРВ.мк
Балкан

Филмска полициска акција вo: Специјалци упаднаа во зори, уапсени 19 членови на озлогласена криминална група

Филмска полициска акција вo: Специјалци упаднаа во зори, уапсени 19 членови на озлогласена криминална група

Голема полициска акција против организираниот криминал е спроведена во Србија, каде што припадниците на Министерството за внатрешни работи, во соработка со обвинителствата, уапсиле 19 лица поврзани со криминалната група позната како „Врачарци“.

Акцијата била спроведена на повеќе локации низ земјата, а полициските екипи извршиле претреси на над 70 адреси.

На видеоснимките објавени од српското МВР се гледаат драматични полициски интервенции, при кои специјалните единици влегуваат во објекти и ги совладуваат осомничените.

При претресите биле пронајдени значителни количества дрога, оружје, пари, криптирани телефони и други предмети кои можат да послужат како доказ.

Полицијата запленила околу 2,5 килограми материја за која постои сомнение дека е кокаин, како и марихуана, ЛСД, амфетамин и недозволени допинг-средства.

Пронајдени биле седум парчиња огнено оружје, муниција, панцир, самострел и други предмети.

Меѓу запленетите предмети се и околу 40.000 евра, приближно 700.000 српски динари, четири автомобили, скутер и повеќе луксузни часовници.

Одземени биле и 39 мобилни телефони, седум криптирани уреди и лаптоп.

Особено внимание привлекле пронајдените тефтери со лични евиденции и имиња, за кои полицијата наведува дека се поврзани со продажба на наркотични средства.

Во текот на операцијата биле приведени и три лица по кои претходно биле распишани потерници.

Осомничените се товарат за кривични дела поврзани со недозволено оружје, производство и продажба на дрога и фалсификување документи.

Од српското МВР информираат дека обемната полициска акција продолжува на повеќе локации, а приведените ќе бидат предадени на надлежните обвинителства.