Додека есента уште не е завршена, високо над Арктикот се случува редок и силен атмосферски шок што обично се појавува длабоко во зима. Метеоролозите предупредуваат дека поларниот вртлог – огромниот „мразен прстен“ што го држи арктичкиот студ заклучен на Северниот пол – доживува едно од најмоќните ноемвриски нарушувања досега.
Причината е нагло затоплување во стратосферата, познато како SSW, при што температурата може да скокне и до 25 степени. Тоа ги ослабува ветровите на висина од 20 до 50 километри и создава услови арктичкиот воздух да „исцури“ кон јужните широчини. Обично вакви настани доаѓаат после Нова година, а овој пат се случуваат најрано забележано во последните децении.
САД и Канада први на удар
Моделите за Северна Америка веќе покажуваат масовно заладување веднаш по Денот на благодарноста. Десетици американски држави би можеле да влезат во длабок студен бран, додека делови од Канада се подготвуваат за долга, сурова зима со чести арктички продори.
Европа во неизвесност – можна повторна „Beast from the East“
Иако прогнозите за Европа сè уште варираат, британските и европските експерти предупредуваат дека раното нарушување на поларниот вртлог може да го зголеми ризикот од арктички студени бранови – слични на оние од 2018 година, кога Сибирскиот студ ја парализираше Европа со екстремни температури и снег.
Што значи ова за Македонија и Балканот?
Ова не значи сигурна „сибирска зима“, но значително ја зголемува веројатноста за рани студени продори и повеќе снег во декември. Ако над Атлантикот се формира блокада, студот од Русија и Сибир може да се спушти многу појужно – директно кон Балканот.
Историјата покажува дека по силни нарушувања на поларниот вртлог следат недели со студ, снег и нестабилно време над Централна и Источна Европа, а понекогаш и Медитеранот.
Но, конечниот исход е неизвесен
Поларниот вртлог е само еден од многуте фактори. Влијанието на Ла Ниња, циклони над Атлантикот и локални атмосефрски блокади може да го засилат или ублажат ефектот.
Единствено сигурно е дека дека ова е најраната и најопасната поларна промена во ноември која Европа ја видела со години – а Балканот е директно во зона на ризик за силен студен удар.
















