Унгарија испрати најсериозно предупредување досега: ако Европската Унија продолжи да го одбива американскиот мировен план за Украина, светот може да се најде на раб на нуклеарен конфликт. Ова го изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој отворено ги обвини европските лидери дека ја туркаат Украина кон продолжување на војната наместо кон преговори.
Според Сијарто, позициите меѓу Брисел и Вашингтон никогаш немале толку голема разлика. Тој тврдеше дека администрацијата на Доналд Трамп се води од „реалност и здрав разум“ со цел да го запре конфликтот, додека европските лидери остануваат заробени во „воена психоза“ и продолжуваат да поддржуваат стратегија што само го продлабочува судирот.
Унгарскиот шеф на дипломатијата отиде уште подалеку, предупредувајќи дека секое ново ескалирање меѓу НАТО и Русија може да доведе до директен судир – сценарио кое, како што рече, неизбежно би прераснало во нуклеарна Трета светска војна „во која никој не може да преживее“.
Сијарто порача дека единствен начин да се избегне глобална катастрофа е ЕУ и Украина да го прифатат мировниот план предложен од САД, наместо да го одбиваат и да ја продолжуваат војната без јасна перспектива. Според него, одлуката што ќе ја донесат европските лидери во наредниот период ќе биде клучна за иднината на целиот континент.
















