Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно ја крена тензијата на Блискиот Исток, откако јавно се закани дека Израел ќе продолжи со напади врз Либан и Појасот Газа – и тоа и покрај постојниот договор за прекин на огнот.
На седницата на кабинетот, Нетанјаху изјави дека саботниот напад врз јужен Либан бил директно насочен кон Хезболах, наведувајќи дека групата претставува „сериозна и нетолерирачка закана“ за Израел. Тој порача дека ќе продолжат да дејствуваат „секогаш кога е неопходно“, со што фактички го игнорира прекинoт на огнот од 27 ноември 2024 година.
Според Нетанјаху, Хамас го прекршил договорот за мир уште од првиот ден, поради што Израел веќе започнал серија нови воздушни напади во Појасот Газа. Премиерот тврди дека вчера биле таргетирани и „елиминирани“ повеќе високи функционери на Хамас како одговор на напад врз израелски војници од граничната зона наречена „жолта линија“.
Израелската влада соопшти дека едно лице упаднало и нападнало војници на израелска територија, по што следел одмазднички удар во кој биле убиени пет високи членови на Хамас.
Со оваа реторика, Нетанјаху испраќа јасна порака дека прекин на огнот не го обврзува Израел доколку процени дека неговата безбедност е загрозена – што дополнително ја подгрева нестабилноста во регионот.
















