Кризата во Венецуела драматично се продлабочува. Дури шест големи авиокомпании – „Иберија“, ТАП, „Авијанка“, „Карибијан Еирлајнс“, „ГОЛ“ и „Латам“ – ги прекинаа сите летови кон и над Венецуела, откако САД издадоа итно предупредување за можни воени ризици во регионот. Американската федерална управа за воздухопловство ги предупреди сите цивилни пилоти дека воздухопловниот простор над Венецуела станува опасен, со зголемена воена активност и нестабилност.
Вашингтон од септември изведува напади врз бродови за кои тврди дека превезуваат дрога, а во Карипското Море распоредени се тешки американски сили. Во тие операции загинале најмалку 83 лица, а во регионот пристигнал и најголемиот американски носач на авиони – „Џералд Форд“.
Каракас жестоко реагира, обвинувајќи ги САД дека под маска на „борба против дрога“ се подготвува обид за промена на режимот и контрола врз венецуелската нафта. Инцидентите го кренаа регионот на раб на нова конфронтација, а откажувањето на летовите е првиот сериозен знак дека ситуацијата станува критична.
















