Утрешниот ден го слави еден од најпочитуваните православни светители – Свети Мина, великомаченикот што верниците со векови го нарекуваат „брзиот чудотворец“. За него се верува дека одговара на секоја искрена молитва, особено кога човек е соочен со неправда, кражба, напуштеност, судски маки или опасно патување. Неговата помош, според преданието, доаѓа токму во моментите кога најмногу боли.
Свети Мина бил Египќанец и римски војник кој, примајќи ја христијанската вера, ја напуштил војската и се повлекол во тишината на планините. Подоцна, храбро ја исповедал верата во градот Катуанија, по што следеле најстрашни маки – стругање со железни четки, тепање, огнено мачење – пред на крај да биде погубен со меч. Неговите мошти биле спасени и над нив во Александрија подигнат храм што станал место на бројни чуда и исцелувања.
Малкумина знаат дека една од најпознатите чудотворни икони на Свети Мина се наоѓа токму во Белград, во храмот на Свети великомаченик кнез Лазар. Пред оваа икона илјадници луѓе низ годините сведочеле за избавување, неверојатни пресврти и исцелувања. Во книгата „Чуда Светог Мине“ се опишани случаи кога токму во најкритичните мигови – молитвата до Свети Мина го променила исходот.
Еден лекар сведочи дека за време на сложена операција одеднаш почувствувал необјасниво „внатрешно предупредување“, што му го спасило пациентот. Подоцна дознал дека роднините на девојчето цело време се молеле пред иконата на Свети Мина – токму во мигот кога требало да го направи клучниот потег.
Веруењето вели дека Свети Мина особено помага кога човек бара:
- правда и ослободување од неправда
- враќање украдено или изгубено
- заштита на пат
- здравје и спас од опасност
- мир во душата и утеха во тешки лични моменти
Бидејќи се смета за заштитник на напуштените, многумина му се обраќаат токму кога носат болка за која не зборуваат гласно.
Како да се дочека утрешниот празник со благослов?
Традицијата вели дека е добро во домот да се внесе нешто ново и чисто – свежо цвеќе, зимзелено гранче или мал украс – како симбол на обновување и заштита на домот. Се пали свеќа за здравје и мир. Може да се прочита молитва или едноставно со свои зборови да му се каже што ве мачи – верниците велат дека токму Свети Мина најбрзо одговара на искреното обраќање.
Празникот на Свети Мина е потсетник дека секој човек заслужува избавување, мир и надеж. А сведоштвата на многумина велат дека токму кога надежта изгледала најтенка – одговорот од овој чудотворец дошол ненадејно.
















