Трагедијата во Ласкарци, во која животот го загубија 16 патници, а речиси 30 беа повредени, повторно ја крена јавноста на нозе. Иако второобвинетиот Ремзи Мифтари има правосилна пресуда за 10 години затвор, тој и понатаму им избегнува на органите на прогонот – и тоа цели седум години по несреќата.
Мифтари со месеци успеваше да го одложува заминувањето во Идризово преку лекарски уверенија за наводна хернија на тестисите. Но кога конечно требаше да биде спроведен, полицијата открила дека тој воопшто не е достапен.
ОВР Гостивар го известил Основниот суд дека обвинетиот не е пронајден и побарал распишување потерница. Од МВР велат дека засега нема централна потерница, но штом судот ја издаде наредбата – веднаш ќе биде активирана.
Семејствата на загинатите не го кријат разочарувањето. Тие тврдат дека системот повторно ги изневерил и дека одамна предупредувале дека медицинските оправдувања биле сомнителни.
Неофицијални извори брифираат дека Мифтари не е евидентиран на ниту еден граничен премин, што ги засилува сомнежите дека се крие во земјава.
Покрај него, со истата казна од 10 години затвор е осуден и првообвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на превозничката компанија.
Несреќата се случи блиску до Ласкарци, кога неисправен автобус полн со патници излета од патот – еден од најцрните настани во поновата македонска историја.
















