Европската вселенска агенција ја вознемири јавноста со нова објава – научниците штотуку го регистрираа 40.000-тиот астероид што минува во близина на Земјата. Според астрономите, околу нашата планета кружи огромна популација небесни карпи, од мали тела со неколку метри во дијаметар, до џинови големи колку цели планини.
ЕСА нагласува дека секој ваков објект е уште еден потсетник колку е ранлива Земјата, но и доказ колку драматично напреднал системот за планетарна одбрана во последните децении.
Астероидите, остатоци од раното создавање на Сончевиот систем, главно орбитираат меѓу Марс и Јупитер. Но дел од нив – т.н. астероиди блиску до Земјата (NEA) – се приближуваат на само 45 милиони километри од нашата планета, што е доволно блиску за научниците да ги сметаат за потенцијален ризик и постојано да ги следат.
Првиот ваков објект, Ерос, беше откриен уште во 1898 година. Но вистинската револуција започна во 1990-тите, кога модерните телескопи почнаа да откриваат стотици нови објекти годишно. Така, бројката од илјада астероиди во 2000 година денес е зголемена на над 40.000, а само во последните три години биле идентификувани уште 10.000 нови.
Лука Конверси, директор на Центарот за објекти блиску до Земјата при ЕСА, објаснува дека со новата генерација телескопи бројката ќе расте уште побрзо. Опсерваторијата Вера Рубин во Чиле, која започнува со работа годинава, ќе открие „десетици илјади“ нови тела. Истовремено, ESА во игра ги вклучува и своите Flyeye телескопи, специјално дизајнирани да го скенираат небото со огромно видно поле и да ги детектираат најбрзите и најнепредвидливите објекти.
Заклучокот е јасен: Небото околу Земјата е многу пополнето отколку што мислевме – и само што почнуваме да ја гледаме целата слика.
















