Додека Австралија стана пилот-држава што воведе рестрикции за користење социјални мрежи кај младите под 16 години, дебатата се разгорува и во други земји. Во Македонија, засега, и властите и дел од стручната јавност се на став дека избрзана забрана може да предизвика контраефект и да отвори прашања околу ограничување на слободите.
Анкета на Слободен печат покажала дека 84 отсто од граѓаните поддржуваат забрана за деца под 16 години. Дополнително, повеќе од 2.500 граѓани ја потпишале петицијата на „Иницијатива за безбедно детство“, со барање за системска заштита на малолетниците во дигиталниот простор.
Едукација наместо строга забрана?
Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми предупредува дека забраните може да доведат до „униформирање“ на однесувањето и отворање простор за пошироки ограничувања во иднина. Според него, социјалните мрежи се дел од културата на младите – место за учење, дружење и самоизразување – но и простор со реални ризици: булинг, манипулации, зависност и нарушено ментално здравје.
– Треба да се направи нешто за штетните содржини, но прашањето е каков ќе биде ефектот од забраната? Однесувањето може само да се пресели на друга платформа или во реалниот живот – посочува Георгиевски.
Улогата на родителите и државата
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски смета дека целосна забрана би била „премногу радикална“ и мешање во приватноста на семејствата. Наместо тоа, Владата промовира алатки за родителска контрола во училиштата.
Комуникологот Бојан Кордалов, пак, укажува дека родителите не смеат да останат сами во оваа битка.
– Денес родителите имаат двојна одговорност – и во реалниот и во дигиталниот свет. Потребна е поддршка од институциите, јасни правила и партнерство – вели тој.
Европски искуства и препораки
Во последните години, рестрикции воведоа земји како Австрија, Франција, Шпанија, Данска и Шведска, додека Словенија најавува забрана за деца под 15 години. Европски парламент предлага минимум 16 години за неограничен пристап, а Обединети нации препорачуваат зголемување на минималната возраст.
Заклучокот што сè почесто се наметнува е дека едноставна забрана не е доволна. Потребен е структуриран пристап: едукација, јасна правна рамка усогласена со ЕУ-стандардите и одговорност на технолошките компании. Во спротивно, намерата за заштита може да остане без посакуваниот ефект.















