Руски научници постигнаа медицински пробив каков што досега не е забележан во земјата: за првпат успеаја да уништат малигнен тумор користејќи пулсирачки фокусиран ултразвук со висок интензитет – и тоа без контакт, без сечење и без загревање на ткивото.
Тимот од Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, во соработка со експерти од Медицинскиот научен и образовен институт и Факултетот за фундаментална медицина, демонстрираше дека ултразвукот може буквално да го разгради ткивото на еден од најагресивните канцери – лејомиосарком, тумор кој инаку најчесто се третира со сложени операции, зрачење и хемотерапија.
Според универзитетот, ултразвукот во експериментални услови го претворил туморското ткиво во безструктурна течност, додека здравото ткиво околу него останало недопрено. Тоа значи дека методот дозволува прецизно таргетирање на ракот без ризик од оштетување на околното ткиво, нешто што со класичните операции е тешко остварливо.
Хистолошките анализи по експериментот потврдиле целосно уништување на канцерогените клетки. Научниците веруваат дека оваа технологија, која доаѓа од школа специјализирана за фотонски и квантни технологии, може да стане револуционерна алтернатива кај пациентите кај кои операцијата не е можна.
Леиомиосаркомот обично се јавува во матката, крвните садови, екстремитетите или ретроперитонеалниот простор и често се дијагностицира доцна. Затоа, метод што би дозволил бесконтактно и безболно уништување на туморот може да ја промени иднината на онколошкиот третман.
Студијата е објавена во реномираното списание „Q1 Ultrasonics“, што ја потврдува научната тежина на откритието.
















