Драма се одвивала во водите северно од Шкотска, каде што рускиот шпионски брод „Јантар“, познат по своите тајни операции под команда на мистериозната единица ГУГИ, бил забележан како се задржува во близина на британските територијални води. Според британскиот Експрес, бродот бил инволвиран во сериозна провокација насочена кон британската воена фрегата „Сомерсет“.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили откри дека „Јантар“ користел технологија за попречување на GPS-сигналите на фрегатата – потег што предизвикал аларм кај воените структури. Покрај тоа, рускиот брод наводно насочувал ласери кон пилотите на два извидувачки авиони на британските RAF сили, кои биле ангажирани да го следат неговото движење. Хили овој потег го нарече „опасна и невидена провокација“.
Иако воениот GPS на „Сомерсет“ останал функционален, цивилниот дел на системот бил сериозно нарушен. Локалните рибари во Северното Море пријавиле значителни проблеми со навигацијата бидејќи нивната опрема не е заштитена на исто ниво како воените системи.
Западните земји одамна се сомневаат дека „Јантар“ не е само „истражувачки брод“, туку пловило опремено за следење, пресретнување и евентуално оштетување на подводни оптички кабли и друга стратешка инфраструктура.
Хили објасни дека бродот веќе неколку недели кружи по работ на британските води, што довело до засилено следење од страна на RAF и Кралската морнарица. Тој потврди дека Лондон има подготвени „воени опции“ доколку „Јантар“ се приближи или направи нов провокативен потег.
Ова е вторпат годинава истиот руски брод да се појави во чувствителната зона околу Британија, што дополнително ги зголемува стравувањата дека Москва изведува специјални операции за мапирање или потенцијално саботирање критична инфраструктура на дното на Северното Море.
















