Специјалното државно обвинителство на Словенија поднесе барање за покренување судска истрага против 21 лице, меѓу кои и градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ. Тој е осомничен за примање корист преку незаконито посредување, давање мито и поттикнување на злоупотреба на службена положба или доверба во стопанството.
Барањето до Окружниот суд во Љубљана било поднесено пред два месеца, а сега судот и истражниот судија треба да одлучат за понатамошниот тек на истрагата. Првото сослушување на Јанковиќ е закажано за вторник, а информацијата првично ја објави порталот Домовина, додека градската управа за POP TV ја потврди.
Криминалистичките истражувања поврзани со економски криминал и сомнежи за корупција започнале кон крајот на јануари минатата година на поширокото подрачје на полициските управи Љубљана, Целје, Крањ и Нова Горица. При истрагата, полицијата извршила претрес и во просториите на Градската општина Љубљана, како и во домот на Јанковиќ, за да се обезбедат докази за сомневаните незаконски активности.
















