Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова, со цел унапредување на политичките односи и отворање нови перспективи за соработка меѓу двете земји.
Разговорите беа фокусирани на потенцијалите во енергетскиот сектор, трансформацијата на енергетските системи и користењето на словачките искуства во зелените технологии и регионалното енергетско планирање. Двете соговорнички размениле мислења за тековните процеси, регионалната динамика и патеките за понатамошно институционално приближување.
Министерката Божиновска потенцираше: „Нашиот фокус е стабилен енергетски систем, модерен пристап кон реформите и партнерства што ја носат земјата напред. Словачка е важен пријател и соговорник во тие процеси, а двете земји имаат сериозен простор за повисоко ниво на соработка.“
Амбасадорката Хрицова ја поздрави динамиката на реформите и нагласи подготвеност за продлабочување на соработката во области поврзани со енергетската транзиција, модернизацијата и дигиталниот развој.
Во рамките на средбата беше најавена и посета на мешовита владина делегација на почетокот на идната година, каде ќе продолжат разговорите на владин и институционален ниво, особено во областите на енергетиката и инвестициите. Министерството ја оцени средбата како уште еден чекор во градењето стабилно и современо партнерство помеѓу двете држави, темелено на европските вредности, доверба и заеднички интереси.
















