Капиталните издатоци за 2026 година се предвидени на реално ниво, базирано на досегашното остварување и очекувањата за идната година.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласи дека целата вина за евентуалните одложувања не може да се префрли само на Владата, бидејќи често причините произлегуваат од компаниите-изведувачи кои се соочуваат со недостиг на работна сила и други пречки.
„Реалноста е дека сме ги проектирале капиталните расходи на едно реално ниво. Ако ја погледнеме реализацијата на капиталните расходи низ годините наназад, ќе видиме дека никогаш реализацијата не била точно согласно проекцијата. Трансферите до јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата се дефинирани како капитални расходи“, појасни Димитриеска-Кочоска во гостувањето во централниот Дневник на МТВ.
Со примената на новата методологија, каде дотациите кон јавните претпријатија и државните акционерски друштва веќе не се водат како капитални издатоци, се добива појасна и вистинита слика за реалните инвестиции.
Министерката објасни дека според новата методологија, реализацијата на капиталните расходи во 2025 година е за над 19% поголема отколку според старите пресметки, а ако се вклучат и трансферите од минатата година, растот изнесува над 47%, и покрај тоа што реализацијата не достигнува 100% од проектираните 47 милијарди денари.
Димитриеска-Кочоска истакна и проблемот со слабата реализација на средствата што институциите ги имаат на своите сметки. Во 2025 година, од вкупните 47 милијарди денари капитални расходи, дури 15 милијарди беа предвидени од самостојни ресурси на институциите, каде остварувањето е најниско.
„Реализацијата на сопствените сметки е нешто што го наметнав кога дојдов како министер. Кога дојдов, 14 милијарди денари стоеја на сметки на институциите, кои не се видливи во буџетот, и јас како министер за финансии морам да позајмам од банките за да ги покријам нивните расходи“, појасни министерката.
Таа истакна дека Министерството за финансии вовело задолжителност институциите да ги користат сопствените фондови за предвидените инвестиции и дека за 2026 година е направена измена на проекцијата во буџетот.
„Како министер не можам да се согласам институциите да ги чуваат средствата на сметки и да не ги трошат, бидејќи сите сметки се на државата или граѓаните. Не можеме да ги чуваме и да не ги користиме“, заклучи Димитриеска-Кочоска.
















