ПРВ.мк
Балкан

НОВ УДАР ВРЗ БАЛКАНСКИОТ КАРТЕЛ: Во операцијата „Голем феникс“ уапсени 21 лице, запленет кокаин вреден 1,76 милијарди долари!

НОВ УДАР ВРЗ БАЛКАНСКИОТ КАРТЕЛ: Во операцијата „Голем феникс“ уапсени 21 лице, запленет кокаин вреден 1,76 милијарди долари!

Еквадорската национална полиција, во соработка со канцеларијата на шпанскиот државен обвинител, Европол, Шпанската цивилна гарда и Шпанската национална полиција, ја спроведе операцијата „Голем феникс“ во која беа уапсени 21 лице, меѓу кои и двајца полицајци, под сомнение за шверц на кокаин вреден 1,765 милијарди долари. Според соопштението на еквадорската полиција, уапсената криминална група е директно поврзана со балканскиот картел.

„Истрагата покажува дека организацијата делува од 2019 година. Се верува дека има врски со водачите на балканскиот картел за кои се сомнева дека моментално се наоѓаат во Европа и во Обединетите Арапски Емирати“, се наведува во соопштението.

Истрагата започнала во октомври 2024 година, кога речиси 13.000 пакети кокаин беа запленети во пристаништето Алхесирас во Шпанија. Контејнерот со дрога го напуштил пристаништето Гвајакил во Еквадор. По оваа првична заплена, следуваа апсења во Еквадор, Шпанија, Белгија, Португалија и Холандија.

Меѓу уапсените е и Џексон Фелипе Замбрано, кој според истражителите бил еден од главните финансиери на шверцот и десна рака на Вилмер Чаврија, познат како Пипо — водач на криминалниот клан „Лос Лобос“, кој е во притвор во Шпанија од минатата година.

За време на акцијата во која беше уапсен Замбрано, запленети се 630 килограми кокаин во една операција и околу 1,5 тони во друга, со вредност од околу 85 милиони долари. Сепак, во целата повеќемесечна акција, вкупно се запленети 42,5 тони кокаин, со проценка на вкупната вредност од 1,765 милијарди долари.

Истражителите паралелно спроведоа истрага и за компаниите кои служеле како параван за шверцот. Откриени се најмалку 15 фирми за извоз на овошје, какао, морски плодови и дрвена граѓа, со кои се криеле големите пратки дрога во прекуокеанските бродови.

Балканскиот картел ја координирал набавката на кокаин од лаборатории во Колумбија, неговиот транспорт во Еквадор и превозот со бродови кон Европа. Групата имала свои соработници и во земјите на дестинација кои биле задолжени за прием и дистрибуција, користејќи фиктивни бизнис релации меѓу европските и еквадорските фирми.

Во операцијата „Голем феникс“ учествуваа 130 полицајци, кои извршија 23 истовремени претреси, при што беа запленети мобилни телефони, компјутери и обемна финансиска документација.