Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека погубувањето на Нидал Хасан, осуден за убиство на 13 лица во масакрот во воената база Форт Худ во 2009 година, ќе биде јавно. Со ова, за првпат по повеќе децении, во американската војска ќе биде спроведено погубување со стрелање.
„Ќе се погрижиме луѓето да можат да го гледаат, да биде јавно, бидејќи луѓето мора да разберат дека за вакви работи постојат сериозни последици“, изјави Хегсет во интервју за конзервативниот подкастер Џек Пособик на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“.
Хегсет сепак не изнесе детали на кој начин на јавноста ќе ѝ биде овозможено да го следи погубувањето, пренесува ЦНН.
Ќе биде застрелан во време кое соодветствува со моментот на нападот
Пентагон во понеделникот соопшти дека Хасан ќе биде погубен со стрелање, врз основа на препораката на Хегсет која беше одобрена од претседателот на САД, Доналд Трамп.
Вршителот на должност секретар на американската армија, Адам Теле, го одреди извршувањето на казната за 3 декември во 14 часот по локално време (20 часот по средноевропско време), во базата Форт Худ во Тексас.
Хегсет изјави дека погубувањето ќе се спроведе во четврток, во време кое соодветствува со моментот кога Хасан го извршил нападот, и дека во стрелачкиот вод ќе има војници со пушки.
Хасан во јули 2013 година беше прогласен за виновен по 13 точки од обвинението за убиство со умисла и 32 точки за обид за убиство.
Пушал во војниците додека биле на лекарски преглед
За време на судењето, тој изјави дека за мети ги избрал војниците кои требало да бидат испратени во Авганистан, тврдејќи дека тие ќе учествуваат во, како што рече, нелегална војна.
Во 2009 година, тој отвори оган во медицинскиот центар во Форт Худ, каде војниците се подготвуваа за распоредување и вршеа лекарски прегледи. Откако војниците почнале да бегаат, Хасан ги следел до задниот излез од објектот, каде дошло до размена на оган со полицијата, при што бил ранет.
Прво вакво извршување на смртна казна од Втората светска војна
Погубувањето со стрелање ќе претставува прво вакво извршување на смртна казна спроведено од страна на американската армија уште од Втората светска војна.
Хегсет во интервјуто рече дека му е близок начинот на размислување кој ги карактеризирал американските војници за време на Втората светска војна: „Победи и кога непријателот напаѓа, заземи ја својата позиција и не отстапувај“.







