Автобусот со кој ученици од Гимназијата во Суботица требало да патуваат на матурска екскурзија во Прага се запалил во четвртокот наутро, соопшти Унијата на средношколци на Србија. За среќа, во моментот кога избувнал пожарот, учениците сè уште биле во хотелот, па инцидентот поминал без повредени.
Од Унијата предупредуваат дека настанот отвора сериозни прашања за безбедноста на учениците за време на организираните екскурзии. Особено загрижувачка е можноста дека ситуацијата можела да има поинаков исход доколку учениците го напуштеле хотелот само половина час порано, кога би можеле да се најдат во автобусот во моментот на избувнувањето на пожарот.
Засега не е објавен официјален извештај за причините поради кои се запалило возилото, поради што сè уште не може да се утврди дали постои одговорност. Унијата, сепак, бара итна истрага со која ќе се провери дали биле испочитувани сите пропишани безбедносни процедури.
Дополнителни реакции предизвика и информацијата дека наставниците наводно ги предупредиле учениците да не создаваат паника, односно да не ги известуваат родителите и да не објавуваат информации за настанот на социјалните мрежи.
„Околностите и причините за таквата акција бараат дополнително разјаснување, со оглед на важноста на навременото и транспарентно информирање на родителите за безбедноста на учениците на екскурзијата“, нагласија од Унијата.
Во меѓувреме, за учениците веднаш бил обезбеден друг автобус, со што им било овозможено да го продолжат патувањето. Сепак, околностите под кои избувнал пожарот и прашањата за начинот на информирање на родителите остануваат теми за кои се бараат дополнителни објаснувања.






