Фотографија снимена за време на час по музичко во училиштето „Бранковеану Вода“ во Урлаци, во романскиот округ Прахова, предизвика вистински скандал. Една мајка тврди дека нејзината ќерка и други ученички од шесто одделение биле изложени на скандалозна и понижувачка пракса од страна на професорот.
Жената тврди дека ученичките биле повикувани една по една пред одделението, по што професорот им кажувал да легнат на катедрата под изговор дека прават вежби за дишење. Според нејзините зборови, некои ученички одбиле, а во одделни случаи, професорот ги водешел до катедрата држејќи ги за рака.
Случајот пријавен во полиција
Мајката ги пренесува и сведоштвата на ученичките кои пријавуваат непримерени допири и друго однесување што го сметаат за неприфатливо, пренесува романскиот портал Observatornews.ro.
Целиот случај е пријавен во полиција, поднесена е пријава и истрагата е во тек. Од друга страна, претставниците на училиштето соопштија дека покренале интерна истрага за точно да се утврди што се случило, а професорот по музичко е суспендиран од наставата додека трае постапката.
Професорот демантира сè
Запросен да го изнесе својот став, професорот изјави дека ќе дава изјави само во присуство на адвокат.
„Остро ги отфрлам сите клеветнички обвинувања изнесени во јавноста, бидејќи тие се целосно лажни и спротивни на реалноста во училницата. Од почит кон административните процедури и официјалната истрага која е во тек, нема да давам изјави за медиумите до завршување на проверката од страна на надлежните институции, со цел да се овозможи утврдување на објективната вистина“, порача професорот.






