Судењето на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, кои се обвинети дека биле организатори на криминална група што се товари за седум убиства, силување, трговија со дрога и оружје, продолжи со изведување нови докази.
Меѓу презентираните материјали биле и полициски записници од препознавање, според кои И.С., кого обвинителството го смета за единствената преживеана жртва на групата, препознал повеќе обвинети како лица кои учествувале во неговото киднапирање.
Според записниците, тој ги препознал Мијат Симеуновиќ, Милош Лукиќ Селак, Воислав Ѓорѓевиќ, Алекса Дуњиќ и Алекса Стошиќ.
Обвинителот Саша Иваниќ оцени дека овие докази го потврдуваат исказот што оштетениот претходно го дал пред судот.
Судот воедно го одбил барањето на одбраната И.С. повторно да биде психијатриски вештачен.
Одбиено било и барањето на дел од обвинетите, меѓу кои и на Марко Миљковиќ, да се соочат директно со него.
Според обвинението, И.С. во октомври 2020 година дошол во Белград од помал град, по што бил киднапиран во близина на стадионот на Партизан.
Обвинителството тврди дека три дена бил држен во простории на стадионот што ги користеле обвинетите, каде бил тепан и малтретиран.
Наводно, од него барале да признае кој го испратил да ги шпионира.
Според неофицијалните информации од претходното негово сведочење, И.С. изјавил дека преживеал „три дена пекол“ и дека во еден момент мислел оти нема да преживее.
Третиот ден бил пуштен.
На денешното рочиште сведочеле и двајца сведоци предложени од одбраната.
Полициски службеник од Одделението за оперативна форензика на МВР на Србија сведочел за увидот во куќата во Ритопек во април 2021 година.
Тој потврдил дека бил задолжен за снимањето на просторот и дека постапката била спроведена согласно правилата на струката.
Меѓу другото, снимал двор, гаража, полици и скриена просторија во објектот.
Обвинителството тврди дека токму во таа скриена просторија биле извршени седум убиства.
Како сведок се појавил и таткото на обвинетиот Алекса Дуњиќ, кој тврдел дека оружјето и муницијата пронајдени при апсењето на неговиот син не му припаѓале нему, туку на членови на семејството.
Одбраната побарала да биде сослушан и психијатар кој претходно го прегледувал Никола Спасојевиќ, кој подоцна добил статус на сведок-соработник.
Адвокатите повторно го отвориле и прашањето за Скај-комуникациите, тврдејќи дека дел од профилите или пораките биле активни и по апсењето на лица за кои обвинителството тврди дека ги користеле.
Судот денеска одбил и барања за укинување на притворот на повеќе обвинети.
Пред крајот на рочиштето, Марко Миљковиќ побарал изземање на обвинителите Саша Иваниќ, Зоран Бабиќ и Младен Ненадиќ, изнесувајќи повеќе забелешки за нивното постапување.
Обвинителството оцени дека барањето има цел да ја одолжи постапката.
Продолжението на судењето е закажано за 28 октомври.










