Речиси 50 осомничени се уапсени во голема меѓународна акција насочена против организирана криминална мрежа со членови од Западен Балкан, која се поврзува со трговија со наркотици, убиства, киднапирања и бомбашки напади ширум Европа.
Истрагата, поддржана од Европол, открила мрежа осомничена за криење големи количини дрога во легални комерцијални пратки. Кога пратките биле запленувани или не стигнувале до дестинацијата, припадниците на групата, но и членовите на нивните семејства, станувале мета на жестока одмазда.
Акцијата кулминирала на 6 октомври 2026 година, кога полицијата извршила претрес на 42 објекти во Словенија и Шпанија. Истражителите од овие две земји соработувале со хрватските власти, додека апсењата биле координирани во реално време од координативниот центар во Љубљана, со поддршка од Европол.
Во акцијата се уапсени:
- Словенија – 34 лица
- Шпанија – едно лице
- Хрватска – едно лице
Уште 11 осомничени биле уапсени претходно.
За време на акцијата запленети се 66 килограми дрога (51 килограм канабис и 15 килограми амфетамин), како и огнени оружја, накит и пари.
Дрогата исчезнала, па следувала крвава одмазда
Истражителите ја поврзаа криминалната мрежа со повеќе престрелки, убиства и обиди за убиства, како и со киднапирање на еден од членовите на групата. Во нападите биле користени и експлозивни направи, меѓу кои и рачни бомби, а мети главно биле припадници на мрежата или нивните семејства.
Се сомнева дека осомничените со насилни методи се обидувале да ги надоместат загубите од запленетата или исчезната дрога, да ги казнат оние што ги сметале за одговорни и да ја задржат контролата врз постапките на мрежата. Истрагата открила и обид за убиство во Шпанија.
Во криминалната група членувале државјани на Босна и Херцеговина и Србија, но и на Словенија, Бугарија, Турција и Холандија.
Дрогата ја криеле во легални пратки
Членовите на мрежата користеле заштитени и шифрирани комуникациски платформи, меѓу кои SKY ECC и CryptCom, за да договараат транспорт на дрога, да комуницираат меѓусебно и да ги прикријат криминалните активности од полицијата.
Мрежата ангажирала возачи, главно од Словенија, Босна и Херцеговина и Бугарија, кои ја превезувале дрогата заедно со легална стока во камиони, комбиња и автомобили.
Фото: europol.europa.eu / Устапени фотографии
Кокаин, канабис, амфетамин, МДМА и метамфетамин биле транспортирани од Белгија, Холандија и Шпанија во други европски земји. Криминалците ги користеле постојните трговски рути за да го прикријат транспортот, додека легалните испораки им носеле дополнителен приход и ги намалувале трошоците за превоз.
Запленети стотици килограми дрога
Од февруари 2022 до септември 2026 година, властите заплениле 253 килограми кокаин, 404 килограми канабис, 18,8 килограми метамфетамин и 825 грама МДМА.
Запленети се и 550 литри оцетен анхидрид (хемиски прекурсор што се користи во производство на дрога), како и автоматско оружје со придушувач, муниција и неколку пиштоли.
Сепак, истрагата покажала дека размерите на криминалните активности биле далеку поголеми од физички запленетите количини.
Врз основа на комуникацијата преку платформата SKY ECC и други докази, истражителите успеале да ги реконструираат и да ги поврзат дополнителните транспорти и трансакции. Осомничените се доведуваат во врска со уште околу 2,5 тони канабис, 474 килограми кокаин, 104 килограми хероин, 30 килограми амфетамин, 11,6 килограми МДМА, еден килограм кетамин, еден килограм хашиш, 18.000 таблети екстази и 1.000 парчиња психоактивни печурки, како и 45 литри масло за производство на амфетамин.
Како што соопштуваат властите, запленетите количини претставуваат само дел од целокупната трговија со наркотици која била откриена со истрагата.









