ПРВ.мк
Балкан

Која е Јустина Широка-Пула, новата претседателка на Косово – и зошто никој не ја праша за верата

Која е Јустина Широка-Пула, новата претседателка на Косово – и зошто никој не ја праша за верата

Јустина Широка-Пула е новата претседателка на Косово, откако пратениците ја избраа со 81 глас непосредно пред истекот на уставниот рок, со што беше избегнато ново распуштање на парламентот и предвремени избори.

Таа е економистка, универзитетска професорка и академик, а пред изборот за шефица на државата беше на чело на Косовската академија на науките и уметностите. Со нејзиниот избор Косово по третпат добива жена на претседателската функција, по Атифете Јахјага и Вјоса Османи.

Широка-Пула е родена во 1953 година во Приштина. Дипломирала на Економскиот факултет во 1976 година, постдипломски студии завршила во Загреб, а академската кариера ја градела на Универзитетот во Приштина. Во 2004 година станала редовна професорка.

Покрај долгогодишната работа во образованието и науката, таа има и политичко искуство. Од 2008 до 2011 година била министерка за енергетика и рударство, а од 2011 до 2014 година пратеничка во косовското Собрание.

Нејзиното име се појавило како компромисно решение во последните часови од политичките преговори. Владејачкото Движење „Самоопределување“ и опозициската Демократска партија на Косово постигнале договор за нејзината кандидатура, по што таа го обезбедила потребното парламентарно мнозинство.

Пред гласањето за претседател, парламентот со 88 гласа усвои и измени на законот поврзан со Специјализираните совети во Хаг.

Интерес предизвика и нејзината верска припадност. „Kosovo Dispatch“ ја опиша Широка-Пула како прва католичка претседателка на Косово и посочи дека нејзината вера воопшто не била тема во политичките преговори околу изборот. Според истиот извор, пописот од 2024 година покажува дека 93,49 проценти од населението се изјаснило како муслиманско, а 1,75 проценти како католичко.

Нејзиниот избор, сепак, бил резултат пред сè на политичкиот договор потребен за обезбедување на 80 гласа, а не на прашањето за верската припадност.

По изборот, Широка-Пула ја положи претседателската заклетва пред пратениците и порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани.