ПРВ.мк
Балкан

ГРАЃАНИТЕ СЕ КАЧИЈА НА БАЛКОН И СПАСИЈА КУЧЕ: Со години било измачувано од сопственикот и неговата ќерка!

ГРАЃАНИТЕ СЕ КАЧИЈА НА БАЛКОН И СПАСИЈА КУЧЕ: Со години било измачувано од сопственикот и неговата ќерка!

Случајот со кучето кое, според пријавите на соседите, со месеци било изложено на занемарување и малтретирање во загрепската населба Средњаци, доби нов развој. Откако се проширија повиците за помош на социјалните мрежи, група револтирани граѓани се искачија на балконот од станот и го извлекоа животното на безбедно.

Во меѓувреме, полицијата ги испитува околностите на случајот, а работодавачот на осомничениот маж најавил дека ќе му врачи вонреден отказ од работното место.

Кучето било изложено на екстремни температури

Во претходниот период на социјалните мрежи масовно се споделувале апели за спасување на кучето, за кое се тврдело дека подолг период живеело во несоодветни услови на балконот од станот.

Според пријавите на соседите и снимките што се ширеле во јавноста, животното било оставано на балконот во текот на целото деноноќие, изложено на дожд, снег и екстремни температури. Наводно, во зимските месеци било изложено на температури до минус 15 степени Целзиусови, додека во летниот период живеело на жештина што достигнувала и до 40 степени.

Соседите, исто така, тврделе дека кучето било изнесувано на прошетка едвај десетина минути дневно, како и дека неговите сопственици – татко и ќерка – физички го малтретирале.

Откако претходните пријави до надлежните институции, според информациите, не довеле до брзо решение, во случајот се вклучило и хрватското здружение за правна заштита на животните „Animalex“. Од здружението реагирале до полицијата и надлежните инспекциски служби, барајќи да се преземат мерки за заштита на животното.

Граѓаните интервенирале за да го извлечат животното

Незадоволни од темпото на постапување на институциите, група граѓани одлучила да интервенира. Тие се искачиле на балконот на првиот кат од зградата и го извлекле кучето, по што животното било префрлено на безбедно место.

Настанот предизвика бројни реакции, особено поради наводите дека кучето подолго време било оставено во нехумани услови, додека соседите се обидувале да привлечат внимание кон неговата состојба.

Работодавачот најави вонреден отказ

По инцидентот, се огласил и директорот на приватната санитетска служба во која работел осомничениот маж. Тој јавно го осудил наводното постапување кон кучето и најавил дека вработениот ќе добие вонреден отказ.

„Го чекаме да се врати од полиција и веднаш му доставуваме вонреден отказ, по цена на сите последици за компанијата. Сакам сите да знаат дека ваков ужас нема да толерирам!“, изјавил работодавачот.

Според објавените информации, кучето сега е на сигурно и добива соодветна нега, додека случајот продолжува да го истражуваат надлежните органи. Против сопствениците, како што се наведува, биле поднесени соодветни кривични пријави.