ПРВ.мк
Балкан

Луѓе, имате ли душа? Снимале крвава сообраќајка на автопат, сите добија казна од 449 евра: „Ова е губење на човечноста!“

Луѓе, имате ли душа? Снимале крвава сообраќајка на автопат, сите добија казна од 449 евра: „Ова е губење на човечноста!“

Вкупно 29 возачи се казнети со по 449 евра откако на автопат во Холандија без срам ги извадиле своите мобилни телефони за да ја снимаат акцијата за спасување и згрижување на жртвите од тешка сообраќајна несреќа.

Овој срамен инцидент се случил во средата попладне на автопатот А58 кадо местото Оиршот, во правец кон Ајндховен. Додека спасувачите и итните служби се бореле за животите на повредените, несовесните возачи го забавувале сообраќајот за да ги забележат сите сцени со камерите на своите телефони, пренесуваат медиумите повикувајќи се на соопштението од холандската сообраќајна полиција.

Болна љубопитност наспроти човечка трагедија

Поради тешката несреќа во која учествувале повеќе возила и биле повредени две лица, автопатот А58 со часови бил целосно затворен за сообраќај во правец кон Ајндховен. Додека медицинските екипи им укажувале прва помош на жртвите, а полицијата вршела увид за да ги утврди причините, наместо солидарност — следувала општа дрскост од минувачите.

Полицајците од теренот останале запрепастени од однесувањето на неодговорните учесници во сообраќајот.

„Видовме возачи како без нималку срам снимаат и фотографираат, и тоа директно додека спасувачите ги згрижуваа повредените и додека траеше увидот. Освен што тоа е строго забрането со закон, ваквото однесување ја преминува секоја граница на основното човечко достоинство. Не заборавајте — зад секој таков инцидент стои нечија лична и семејна драма“, огорчено објавил еден од полицајците на социјалните мрежи.

Казни од 449 евра по глава: Полицијата без милост кон „катастрофа-туристите“

Органите на редот решиле на ваквото срамно однесување да му застанат на патот со најстроги можни санкции. На секој од 29-те идентификувани возачи му е изречена парична казна во износ од 449 евра.

Овој скандал предизвикал и сообраќаен колапс од широки размери. Поради затворањето на автопатот А58 се создале километарски колони, а задоцнувањата во сообраќајот изнесувале повеќе од час и половина. Надлежните служби биле принудени да го пренасочат целиот сообраќај преку автопатиштата А65 и А2, а делницата била повторно отворена дури околу 18 часот.

Холандските медиуми и јавноста остро ги осудија овие таканаречени „туристи на несреќи“, потсетувајќи дека држењето мобилен телефон во рака додека се вози во Холандија не е само опасно по живот, туку и сериозен прекршок кој скапо се плаќа.