Во голема меѓународна полициска операција под кодно име „Голем Феникс“ уапсени се 21 лице осомничени за учество во мрежа за шверц на кокаин која, според истражителите, била директно поврзана со таканаречениот „балкански картел“.
Меѓу уапсените има и двајца полицајци, а акцијата била спроведена од еквадорската полиција во координација со шпанското обвинителство, Европол, шпанската Цивилна гарда и Националната полиција.
Според истражните органи, криминалната организација дејствувала најмалку од 2019 година и имала врски со лица од Балканот за кои се верува дека престојуваат во Европа и во Обединетите Арапски Емирати.
Истрагата започнала во октомври 2024 година, откако во шпанското пристаниште Алхесирас биле запленети речиси 13.000 пакети кокаин во контејнер што пристигнал од пристаништето Гвајакил во Еквадор.
По оваа заплена следувале акции и апсења во Еквадор, Шпанија, Белгија, Португалија и Холандија.
Меѓу уапсените е и Џексон Фелипе Замбрано, кого истражителите го посочуваат како еден од главните финансиери на шверцот и близок соработник на Вилмер Чаврија, познат како Пипо, водач на криминалната група „Лос Лобос“, кој се наоѓа во притвор во Шпанија.
Во една од акциите биле запленети околу 630 килограми кокаин, а во друга уште околу 1,5 тон.
Според соопштените податоци, во пошироката истрага досега биле запленети вкупно околу 42,5 тони кокаин, чија вкупна вредност е проценета на околу 1,765 милијарди долари.
Истражителите откриле и најмалку 15 компании кои, според сомненијата, биле користени како параван за транспорт на дрогата.
Станува збор за фирми кои легално се занимавале со извоз на овошје, какао, морски плодови и дрвена граѓа, а кокаинот наводно бил сокриван меѓу товарот што со прекуокеански бродови се испраќал кон Европа.
Според досегашната истрага, лицата поврзани со „балканскиот картел“ ја организирале набавката на кокаин од лаборатории во Колумбија, неговиот транспорт до Еквадор, а потоа и испраќањето кон европскиот пазар.
Мрежата имала соработници и во земјите на дестинација, кои биле задолжени за прием и понатамошна дистрибуција на дрогата, како и за воспоставување привидно легални деловни врски со компаниите од Еквадор.
Во самата операција „Голем Феникс“ учествувале околу 130 полицајци, кои извршиле 23 истовремени претреси на објекти поврзани со осомничените и нивната деловна мрежа.
При претресите биле одземени мобилни телефони, компјутери, финансиска и деловна документација, кои ќе бидат предмет на понатамошна истрага.
Истрагата продолжува со цел да се утврди целосната структура на мрежата, нејзините финансиски текови и сите лица вклучени во меѓународниот шверц на кокаин.






