ПРВ.мк
Македонија

Инвестиција од околу милион евра – привршува изградбата на базенот во „7 Март“

Инвестиција од околу милион евра – привршува изградбата на базенот во „7 Март“

Градоначалникот на Општина Чаир и копретседател на ВЛЕН, Изет Меџити, денеска изврши увид во градежните работи на новиот базен во Основното училиште „7 Март“.

Според информациите што ги соопшти Меџити, изградбата се одвива според предвидената динамика, проектот е во завршна фаза, а отворањето на базенот се очекува наскоро. 

Станува збор за инвестиција вредна околу еден милион евра, наменета за подобрување на спортските услови за децата и создавање можности за учење пливање и развој на нивните спортски способности. Општина Чаир уште при почетокот на изградбата во март соопшти дека базенот ќе биде долг 25 метри и широк 8,80 метри. 

Меџити изјави дека проектот бил дел од неговите предизборни ветувања и општинската програма, оценувајќи дека со неговото привршување се реализира уште една од најавените инвестиции.

„Овој проект го ветивме во кампањата, го вклучивме во програмата и денес го претвораме во реалност“, порача Меџити.

Тој додаде дека, според него, довербата што ја добиле од граѓаните треба да се преточува во конкретни проекти и инвестиции.

Новиот базен во ООУ „7 Март“ е дел од инвестициите во спортската инфраструктура на Општина Чаир, а неговото официјално пуштање во употреба се очекува по завршувањето на преостанатите работи.